Министерот за здравство, Фатмир Меџити на денешната анкетна комисија во Собранието за случајот на Клиниката за радиотерапија и онкологија рече дека веќе се направени кадровски промени во менаџментот.
-Верувам дека, кривично правната постапка за овој многу сензитивен случај ќе има брза правична и праведна разрешница. Виновниците треба да се знаат со име и презиме, единствено така ќе може да ја вратиме довербата на пациентите во здравствениот систем и да ги заштитиме здравствените работници од генерални обвинувања и понижувања.
Меџити посочи дека сега на клиниката се работи по нови клинички протоколи, има воспоставено контролен систем со кој се овозможува потребната терапија да ја добие секој пациент. На онколошкиот конзилиум секоја среда се разговара за секој пациент кој треба да почне со терапија, со кој било лек од таканаречениот условен буџет, како и лековите кои се на позитивна листа, појаснувајќи дека се правени и финансиски анализи за КАТО системот.
-Што се однесува до КАТО системот за дозирање и контрола на терапијата која се дава на пациентите кои се лекуваат на Клиниката за онкологија, неколку месеци пред овој случај да излезе во јавност се правеа финансиски анализи дали КАТО системот да се врати во функција или да се обезбеди нов за контрола на терапијата. Со новиот ребаланс на буџетот обезбедивме враќање на КАТО системот кој долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина, посочи во својата изјава министерот Меџити.
На Клиниката за радиотерапија и онкологија во тек е инсталација на нов современ линеарен акцелератор за потребите на онколошките пациенти, рече Меџити, како и други постапки за кадровски зајакнување, обезбедување нова медицинска опрема и децентрализација на терапијата за онколошки пациенти.
-Продолжуваме со заложбите за унапредување на работата на оваа клиника и во таа насока ќе продолжам да иницирам предлози и постапки до Владата за обезбедување средства за континуирано инвестирање во подобрување на квалитетот на здравствениот систем. Во тек се постапки за обезбедување кадар и опрема за да почнат со работа онколошките центри за конзервативна терапија во Клиничките болници во Штип и Битола, како и во ГОБ „8 Септември“, истакна министерот Меџити.