Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во Тирана дека очекува српскиот претседател Александар Вучиќ остро да го осуди неодамнешниот напад на северот на Косово.
„Одговорност на претседателот Вучиќ е најостро да ги осуди настаните од 24 септември“, рече Макрон на прес-конференцијата заедно со албанскиот премиер Еди Рама во Тирана, пренесува агенцијата Бета.
Тој додаде дека одговорност на Вучиќ е да „придонесе за повторно воспоставување мир на границата“.
Францускиот претседател ги повика Белград и Приштина да покажат одговорност за да се смират тензиите.
„Очекувам одговорност од српскиот претседател, а истото го очекувам и од косовскиот претседател и премиер“, рече Макрон.
Тој рече и дека Франција ја суспендирала визната либерализација за Косово бидејќи не се почитува дадениот збор.
Според Макрон, се очекува Косово и Србија повторно да организираат локални избори во општините на северот на Косово и учество на локалните Срби во овие институции, а потоа и признавање на Заедницата на српските општини од страна на косовските власти. Тој додаде дека очекува двете страни да се посветат на ова, велејќи дека тоа е „услов за мир во целата област“.
Во напад на вооружените напаѓачи врз косовската полиција на 24 септември во Бањска загинаа еден косовски полицаец и тројца вооружени српски напаѓачи.
Портпаролот на ЕУ Петер Стано објави дека специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во сабота доаѓаат во посета на Белград и Приштина.
Заедно со нив во посета на двете страни доаѓаат и главните советници на лидерите на Франција, Германија и Италија, Емануел Боне, Јенс Плоетнер и Франческо Тало.