Во недостаток на изговори за двете години потрошени во неработење и лажни ветувања Тимчо Муцунски и Христијан Мискоски упорно ги лажат граѓаните дека немале поддршка од Владата за Општина Аеродром. Владата предводена од СДСМ изгради целосно нов објект на училиштето „Димитар Македонски“ во Лисиче, со капацитет од над 700 деца во вредност од над 60 милиони денари, истакна Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
Муцунски, вели таа, доби и донација од Државната лотарија во висина од 2,6 милиони денари за реконструкцијата на дворот на училиштето Браќа Миладиновци во населбата Острово.
„Летово Министерството за внатрешни работи почна да го гради новиот објект на полициската станица во Аеродром во вредност од 130 милиони денари. Спротивно на ова, од Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром уште ги чекаме ветените 4 нови градинки (во Мичурин, Острово, Лисиче и Долно Лисиче), проширување и реконструкцијата на објектите на градинките Сонце, Лале и Пчелка, новиот парк „Радост“ на 6.000 метри квадратни во Реонски центар, новата гимназија, новата општинска зграда, новиот кружен тек меѓу Мичурин и Стар Аеродром, новиот мултифункционален центар со простории за младински центар, новиот спортски центар „Пирин“ во населба Лисиче, новата спортска сала во Долно Лисиче, музејот на МЗТ, кино салата и театарската сцена во Ново Лисиче, зголемената еднократна помош за новороденче од 8.000 на 20.000 денари, стратегијата за млади, стипендиите за млади таленти во износ од 30.000 денари, спортските субвенции за млади во износ од 600 денари и завршувањето сите постапки за легализација. Иако наследи полна општинска каса, Тимчо Муцунски потроши два општински буџети, а ништо од овие ветувања не реализираше“, рече Николова.
Според неа, додека беше пратеник, како претседател на собраниската комисија за финансирање и Буџет, Тимчо Муцунски го блокираше носењето на законот за заем од Светска банка за реконстукција на локални патишта повеќе од една година.
„Дали е тоа истиот Тимчо Муцунски кој сега како градоначалник бара заем со обврзница во висина од 5,5 милиони евра, со рок на отплата од 10 години и 5% годишна камата? При тоа, потенцирам дека Општина Аеродром е доведена во ситуција да бара заем за прв пат од нејзиното основање“, прашува Николова.
Како што оценува, две години само лаги, неработење и празни изговори.