Интервју со Бранко Азески, Претседател на стопанската комора на Македонија

Azeski111_130828
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На 4 октомври истече рокот за поднесување на образецот ДБ-ДС, односно на даночниот биланс за данок за солидарност. На 25 октомври е последниот рок за плаќање на оваа даночна обврска. Што се случува во меѓувреме? Дали сѐ уште се работи на иницијативата за оспорување на Законот за солидарен данок?

Азески: Да, Комората продолжува активно да работи на иницијативата за оспорување на Законот за данок за солидарност пред Уставниот суд на Република Северна Македонија. Иницијативата значи обединување на целата бизни c-заедница во однос на овој закон, што е редок позитивен пример и покажува дека Клубот 100 при нашата комора правилно постапил реагирајќи на правните и процедурални пропусти во самиот закон. Има и втора придобивка за нас, а тоа е таа дека првпат иницијатори за оспорување на законското решение кое има финансиски последици врз компаниите да се оние бизнис-субјекти врз кои Законот нема финансиско влијание. Значи, компаниите кои не се опфатени со овој закон и кои немаат обврска да го платат овој данок се иницијаторите Законот да се достави до Уставниот суд, а тоа зборува многу за улогата што ја има Комората, пред сѐ , во поврзувањето или во вмрежувањето и во застапувањето на бизнис-заедницата гледана како една целина. Бизнисот е целосно усогласен во однос на забелешките кон Законот за данок за солидарност.


 

Дали наскоро ќе биде доставена до Уставниот суд?

Азески: Доставата до Уставниот суд зависи од потребните процедури и правни механизми. Но, секако, Законот ќе се најде пред Уставниот суд. Ова е трет закон оваа година што ќе го оспориме на Уставен суд, што доволно зборува за тоа дека се исцрпени можностите за преговарање и за почитување на нашите аргументи. И ние во тоа не гледаме ништо необично. Ние сакаме да има дијалог, да има различни мислења. Сакам да појаснам дека Законот за данок за солидарност нема никаква врска со оспорување на солидарноста. Има врска со определени процедури и основни принципи на работа што мора да се почитуваат.

 

Какво е мислењето на Комората: компаниите да ги почитуваат роковите, а потоа да ја бараат правдата или постои и некоја друга опција, како на пример непослушност?

Азески: Како комора ние поддржуваме законска и легитимна процедура. Непослушноста не е опција што ја промовираме.

 

Дали се разговарало за ова прашање и дали членките на Комората кои се засегнати од овој данок ќе се однесуваат усогласено?

Азески: Главна цел на Комората е да ги заштити интересите на своите членки и да им помогнеме во процесот на законска заштита, а таа го прави тоа. Прашањето околу Законот за данок за солидарност беше предмет на дискусија и на консултации со членките на Комората. Упативме дописи со аргументи образложени на повеќе страни, усогласени и потпишани од највисоките органи и тела на Комората, предводени од Клуб 100, а поддржани и од Управниот одбор, Надзорниот одбор, од Собранието на Комората, Советот на странски инвеститори и од другите бизнис-организации.

 

За крај кои се Вашите очекувања?

Азески: Нашите очекувања се дека Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе биде на висина на својата улога и одлуката ќе ја донесе врз основа на законитоста и на уставните одредби.

mchamber.mk

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK