Германскиот канцелар Олаф Шолц синоќа ги повика своите сонародници да покажат солидарност со еврејското население во Германија и да ја гарантираат нивната безбедност, осудувајќи ги ексцесите за време на пропалестинските собири.
„Барам поддршка од сите граѓани за заедно да ја гарантираме безбедноста на нашите еврејски сограѓани и за тоа мора да се солидаризираме со нив“, изјави германскиот лидер на телевизискиот канал АРД.
Прославата на членовите на арапската заедница во германските градови по масакрот од Хамас во Израел предизвика гнев во германското општество и повици за забрана на организациите на кои им се припишува блискост со терористичката организација Хамас.
Пропалестинската организација Самидун во саботата организираше прослава во берлинскиот кварт Нојкоелн по нападот на терористите на Хамас на израелска територија. Во тој кварт живеат голем број членови на арапската заедница.
Полицијата го забрани протестот најавен за среда со 250 учесници, со образложение дека постои опасност од нарушување на јавниот ред и мир. И покрај тоа, во средата вечерта во населбата Нојкоелн се собраа околу сто луѓе во поддршка на Палестинците.
„Не можеме да го прифатиме тоа“, истакна Шолц во врска со антисемитските пораки што се слушаа на пропалестинските демонстрации.
Весникот Билд синоќа објави и за инцидентите на произраелските демонстрации во Кемниц на истокот на Германија, кои ги предизвикаа пропалестински демонстранти.
Германија од викендот ја зајакна заштитата на еврејските институции во земјата.