На Денот на менталното здравје и една тема за која ретко се зборува, а прави огромни штети – токсична позитивност.
Проповедана од писатели, поппсихолози, лајфкоучови, гуруа има за цел да го убеди, т.е. да го заблуди поединецот дека “сѐ ќе е во ред”. Кога ништо не е во ред, а таков е животот, тогаш падот е уште поголем и пострашен од таа магла. Да си цело време среќен и со позитивни мисли е само заболување од другата страна на спектарот. Невозможно е, по никој основ, дури и контрапродуктивно цело време да се гледа позитивно игнорирајќи ја реалноста.
Оваа филозофија има и општествена тежина, префрлајќи ја вината од општеството чисто на поединецот. И неговите подеми и падови се чисто негови, изолиран од сите случувања околу него, од секоја помош која ја добива или сѐ што го спречува да се оствари. Затоа гледаме сѐ повеќе преработеност, сѐ повеќе млади кои работат и по две работи и фаќаат фриленс игнорирајќи ги сите други аспекти на животот во борба да се докажат, да се “успешни” да го живеат тој конзумеристички среќен пекол кој е наметнат. Се воспоставија шеми на задоволство, се знае што треба да правиш, што е успех, што е задоволство (дури и ако лично не те исполнува, повторно вината е во тебе). Ужасна замка.