Во вторник на 10.10.2023 година, во дворот на кафе-книжарницата Буква со почеток од 18 часот ќе се случи промоција на долгонајавуваната книга – Љубовните писма на Шарла од Давид Ангелевски.
Се работи за збирка текстови, еден вид книжевни илустрации на музичките изданија кои излегуваа за независната музичка издавачка куќа Шарла Рекордс во периодот од 2013 до 2023 година. Сместени во широк жанровски опсег, од критички опсервации на актуелните општествено-политички текови, до кратки книжевни форми кои спаѓаат во жанрот фикција, овие писанија го сведочат контекстот и околностите во кои се создаваа музичките дела. Целта на истите беше да го испровоцираат вниманието на пошироката јавност и низ призмата на нивната
содржина да понудат уште една перспектива кон музичкото доживување на овие остварувања.
Книгата изобилува и со фотографии од разни настани организирани од Шарла Рекордс, како и извадоци од интервјуа и текстови на песни со кои се заокружува и документарната функција на оваа книга посветена на десетгодишнината од постоењето и работата на овој независен музички издавач.
Промоцијата е замислена како целовечерно неформално дружење со музичката, но и книжевната публика на кои оваа книга подеднакво им се обраќа.