Пратеникот и претседател на Демократското движење, Изет Меџити реагира на како што велат од неговата партија, денешниот обид на претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбр Адеми од редовите на ДУИ, тајно да го внесе на дневен ред предлог-законот за изменување и дополнување на законот за игри на среќа.
„Правите бесплатен театар, да не ја отворевме јавно оваа тема како албанска опозиција, аферата за 4 нови ланци за интернет игри на среќа, немаше ни со прст да мрднете за законските измени кои се закочени 6 месеци во Собранието“, изјави Меџити.
ДУИ, вели Меџити, е ортак на бизнисот со казина и преку онлајн игрите на среќа ги внесе казината во нашите домови, со единствена цел да се збогатат.
„До каде оди вашата алчност за пари? Тендерите не ви беа доволни, па сега сакате да го исцедите и последниот денар од граѓаните кои што ги донесовте на маргините на постоењето“, рече Меџити.
Претседателот на Демократското движење, го нарече смешно растојанието од 500 метри од училиштата и верските објекти и најави дека ДД ќе поднесе амандман, сите казина да бидат на 3 километри од населените места.