Најмалку 21 лице загина, а дваесетина се повредени, откако автобус со туристи излетал од надвозник во близина на Венеција во северна Италија и се запалил, соопштија локалните власти.
Автобусот излетал од патот и паднал во близина на железничка пруга во областа Местре, која е поврзана со Венеција со мост. Причината за несреќата се уште не е утврдена.
Официјални лица рекоа дека возилото паднало на далноводи и се запалило околу 19:45 часот.
https://www.youtube.com/watch?v=E59c-WB3cLE
„Автобусот е нов, нема ни една година. Возачот исто така беше добар, тој работеше кај нас пет-шест години“, рече Масимо Фиорезе, директор на компанијата „Ла Линеа“ која го ангажираше електричниот автобус што се користеше за транспорт на туристи помеѓу Венеција и кампот.
Тој вели дека Алберто Рицота, 40-годишниот возач кој загина во несреќата, не бил уморен и дека ја започнал смената непосредно пред несреќата, околу 18 часот.
„Тој ги собра луѓето од Пјацале Рома и ги врати во туристичкиот камп, во Маргера. 16 од нив резервираа превоз, но очигледно некои луѓе кои немале резервирано влегле кога виделе дека доаѓа автобуc, голем, убав, со многу седишта“, вели директорот за Corriere della Sera.
„Има снимка од автобусот непосредно пред несреќата. Возилото доаѓа, успорува, кочи. За малку ќе застанало кога излетал низ заштитната ограда. Мислам дека на возачот му се слошило бидејќи не можам поинаку да објаснам. На видеото се гледа дека автобусот е речиси неподвижен, заштитната ограда е тенка, не е една од најмодерните, а автобусот бил доста тежок бидејќи бил електричен. Ударот бил фатален“, изјави Фиоресе.
Автобусот превезувал туристи, меѓу кои имало Украинци, Французи и Германци.
„Привремениот извештај покажува дека најмалку 21 лице е мртво, а повеќе од 20 лица се хоспитализирани, од кои многу се во многу сериозна состојба“, рече Лука Заја, гувернер на регионот Венето, чиј главен град е Венеција, изразувајќи жалење за „трагедијата од огромни размери“.
Меѓу жртвите има и „украински туристи“, изјави за АФП портпаролот на градската управа, како и Германци и Французи, пренесува АНСА. Меѓу повредените има тројца Украинци, Хрват, Германец и Французин, изјави портпаролот за Франс прес.
Во тек е идентификација на загинатите.