Четиринаесетгодишник денеска беше уапсен откако отвори оган во трговски центар во Бангкок, при што уби две лица, а рани пет други.
Во престрелката загинаа Кинез и жител на Мјанмар, а уште пет лица се ранети, покажуваат најновите податоци што ги објави началникот на полицијата Торсак Суквимол.
Осомничениот е 14-годишно момче на кое претходно му било констатирано ментално растројство, но не земал лекови, изјави истиот функционер.
„Ни рече дека некој од ‘внатре’ му кажал во кого да пука“, објасни Суквимол.
Тинејџерот е ученик во приватно училиште кое се наоѓа во близина на трговскиот центар. Тој е уапсен во продавница за мебел, според снимките од надзорните камери што ги објавија тајландските медиуми.
Престрелката предизвика паника во луксузниот трговски центар Сиам Парагон, а очевидци за „АФП“ изјавија дека стотици луѓе итно биле евакуирани од центарот.
Се работи туристичко и комерцијално жариште кое привлекува многу посетители, особено Кинезите кои често купуваат таму по закрепнувањето на туризмот во Тајланд по пандемијата.
Престрелката доаѓа речиси една година по најголемото масовно убиство во модерната историја на Тајланд, кое се случи во провинцијата Нонг Буа Лам Пу. Тогаш поранешен полицаец уби 36 лица, од кои повеќето биле деца помлади од пет години.