Под слоганот „Подај рака“, во недела на 08.10.2023 на летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк во Скопје со почеток во 10.30 часот ќе се одржи осмиот по ред хуманитарен хепенинг за поддршка на лицата заболени од ретката болест „Вилсон“, под слоганот „Подај рака“.
Целта на настанот е подигнување на јавната свест за ретките болести вклучувајќи ја и „Вилсон“, и поддршка на заболените, но и нивните семејства во справувањето со предизвиците со кои се соочуваат. Организаторите на оваа манифестација, Здружението на граѓани за поддршка на лица со ретка болест – „Вилсон“, веќе 8 години по ред на овој начин се трудат да едуцираат и информираат дека кога станува збор за оваа ретка болест, навременото откривање и редовната терапија се клучни.
Во рамки на хепенингот ќе се одржат традиционалната штафетна хуманитарна трка, посебна детска трка, а втора година по ред и трката за домашни миленици. И годинава, хепенингот ќе биде збогатен и со настап на реномирани домашни изведувачи.
Од основањето на здружението „Вилсон“ во 2015 година до денес, главен поддржувач на традиционалната штафетна трка, е општествено одговорната компанијата ОКТА. Од Здружението ја потенцираат важноста на оваа поддршка, велејќи дека „без неа, пациентите со „Вилсон“ би останале невидливи за општеството“.
Болеста „Вилсон“ предизвикува нарушување во метаболизмот што доведува до таложење на бакар во црниот дроб, мозокот и очите, процес кој се одвива постепено, со години, пред појавата на првите симптоми. Натрупувањето на бакар во централниот нервен систем може да доведе до проблеми со говорот и голтањето, потешкотии во координацијата, тремор, неконтролирани движења, мускулна вкочанетост, промени во однесувањето. Сепак, Вилсоновата болест може успешно да се лекува. При навремено откривање на болеста и редовна (доживотна) терапија, пациентите со вилсонова болест можат да имаат нормален живот, со минимални диететски рестрикции.