„Идната година ќе имаме претседателски и парламентарни избори! Нема никаква оправданост економска, политичка во текот на една година да имаме избори во различно време, па следствено на тоа, јасно е дека во исто време ќе се одржат и претседателски и парламентарни избори. Но, за да се исполни тој услов потребно е да има предвремени парламентарни избори, а за да се оствари тоа потребно е да са распушти Собранието 60 дена пред одржување на изборите. Следствено на тоа во времето кога Собранието е распуштено може да се јави потреба да се воведе вонредна состојба како што беше со пандемијата во 2020 година“, пишува поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.
„Но, изгледа не ги научивме лекциите од 2020 година кога Претседателот на РМ воведе вонредна состојба, во услови кога Собранието беше распуштено, а немавме закон за вонредна состојба во кој се прецизирани уставните обврски на институциите и се пополнети правните празнини во непредвидени ситуации. Тогаш сите политички фактори тоа го сметаа за најголем недостаток и си земаа за задача во новиот парламентарен и владин состав тоа прашање под итно да го решат за да има јасна законска процедура за идни случаи“, вели Вељаноски.
„Но, кај нас едно се збори, а друго во реалноста се прави. До денес поминаа речиси 3,5 години, а немаме закон за вонредна состојба. Во овој парламентарен состав се сменија тројца министри за правда и двајца премиери, а се уште немаме донесено Закон за вонредна состојба. Не е добро за државата кога се бега од обврските, кога се работи само на она што во моментот е политички опортуно, а заедничките теми се оставаат или забораваат.
По парламентарните избори 2020 година имаше одредени обиди за носење на закон за вонредна состојба. На 20.02.2021 година се одржа јавна дебата за носење на закон за вонредна состојба под покровителство на Претседателот на РМ на која учествуваа министри за правда и уставни експерти. И во текот на декември 2021 година Владата официјално изјави дека планира да донесе закон за вонредна состојба, но, за жал, до денес не е регулирана правно оваа материја и не е донесен законот.
Резултат на правната празнина и нерегулирана материја за вонредна состојба е што Собранието не ги потврди 5-те одлуки за воведување на вонредна состојба донесени од Претседателот на РМ и преку 100-на уредби со законска сила донесени од Владата во текот на 2020 година.
Предлагам Владата преку Министерство за правда под итно да си ја заврши работата и да предложи, а Собранието да го усвои законот за вонредна состојба до крајот на годинава“, додава Вељаноски.