Светскиот ден на домувањето, 2 Октомври, денеска во Куманово беше одбележан со потпишување на меморандум за соработка во рамките на глобалната кампања „Домот е еднаквост“ на Habitat for Humanity, што на национално ниво ја спроведува Хабитат Македонија.
Меморандумот го потпишаа Максим Димитриевски, Градоначалник на Општина Куманово и Лилјана Алчева, Заменик-директор на програма – Хабитат Македонија со што официјално го означија стартот на активностите на кампањата во Куманово.
Целта на кампањата што Хабитат Македонија ја спроведува со партнерските организации ширум светот е да влијае на промени во политиките на локално, национално и глобално ниво за да се зголеми достапноста до адекватно домување за луѓето кои живеат во неформалните населби, односно луѓето кои и во 21 век, живеат во нехумани и неадекватни услови.
“Светскиот ден на домувањето го одбележуваме на најсоодветен начин, со меморандумот за соработка што претставува израз на нашата волја да влијаеме на локалните и националните политики и да го свртиме вниманието на јавноста кон потребите на жителите на неформалните населби. Многумина од нив сé уште немаат пристап до вода, електрична енергија, хигиенски услови за живот, здравствени и социјални услуги. Време е да се запрашаме можеме ли како нација да си дозволиме нашите сограѓани да живеат во нехумани и неадекватни услови. Клучно за нашата кампања е да го обезбедиме конкретниот одговор на прашањето „Што можеме заедно да направиме за жителите на неформалните населби и овде во Куманово, но и во целата држава““, рече Лилјана Алчева, Заменик-директор на програма – Хабитат Македонија.
Градоначалникот Димтриевски изрази благодарност за досегашната поддршка и реализираните проекти кои го подобрија животот на граѓаните. „Задоволство ми е што Куманово ја продолжува успешната соработка со Хабитат Македонија. Во интерес на жителите на Османов рид и воопшто сите граѓани на Куманово е заедно со Хабитат Македонија да направиме се што е во наша моќ за да ги промениме состојбите и да обезбедиме вистински домови за сите кумановчани. Денешното потпишување на меморандумот за соработка ја потврдува нашата посветеност кон оваа цел за доброто на сите граѓани“, нагласи Димитриевски.
Во чест на Светскиот ден на Домувањето Димитриевски и Алчева го означија стартот на активноста „Урбан Октомври“ која Habitat for Humanity денеска ја започнува насекаде во светот со цел да ја подигне јавната свест за значењето на домувањето.
Денеска во Куманово беше основана и Локална лидерска група која ќе работи во рамките на проектот „Домот е еднаквост“. Во локалната лидерска група учествуваат претставници на сите важни чинители за развојот на Куманово, членови на советот на општината, стручна администрација, бизнис заедницата, граѓанскиот сектор, младите и медиумите.
По повод Светскиот ден на домувањето и стартот на проектот „Домот е еднаквост“ во Куманово, Димитриевски и Алчева заедно со членовите на Локалната лидерска група ја посетија населбата „Османов рид“ и остварија средби со жителите.
Со Проектот „Домот е еднаквост“ Хабитат Македонија ќе ги поддржи политиките и системите што треба да се унапредат за да се задоволат потребите на лицата без адекватно домување во општините Куманово и Шуто Оризари, а долгорочно и во други општини во земјата. Сето ова треба да доведе до подобри резултати во намалувањето на сиромаштијата, унапредување на здравството, образованието и човековите права затоа што вистинскиот дом значи подобар живот, подобро образование, подобро здравје, почиста животна средина, посигурна иднина.
Затоа што секој човек заслужува пристоен и безбеден дом.
Затоа што ДОМОТ Е ЕДНАКВОСТ.
Повеќе информации за глобалната кампања на Habitat for Humanity се достапни на www.habitat.org/home-equals .
За кампањата во нашата земја посетете ја веб страницата www.habitat.org.mk