Џесика Кокс, шефица на политиката за нуклеарно оружје на НАТО, во изјава за финскиот весник „Илта Саномат“ рече дека ризикот од употреба на нуклеарно оружје во Европа е зголемен.
„Русија се заканува со нуклеарно оружје. Гледаме дека Владимир Путин и руските официјални лица коментираат за ова прашање. Влегуваме во време кога опасноста од употреба на нуклеарно оружје се зголемува во Европа. Мораме многу сериозно да ги сфатиме сите овие руски акции и закани“, рече Кокс.
Според неа, и покрај заострената реторика засега нема значајни промени во нуклеарната политика на Русија од почетокот на конфликтот во Украина.
„Важно е да се знае дека руското нуклеарно оружје е секогаш во состојба на готовност. Иако не се гледаат значајни промени, не смееме да се олабавуваме“, вели Кокс.
Таа додаде дека е убедена дека Путин ќе употреби нуклеарно оружје доколку работите тргнат лошо за Москва да го промени исходот од војната.
„Навистина опасно е сценариото да се мисли дека нуклеарно оружје ќе биде употребено првпат по повеќе од 70 години. Постојано сме загрижени за ова сценарио. Меѓутоа, во моментов не гледаме дека работите се развиваат во таа насока“, изјави Кокс.