Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека КФОР е мисија на НАТО Алијансата, а не окупаторска сила на Србија, нагласувајќи дека реакциите на неговата изјава дека КФОР мора да ја преземе контролата врз северот се болни и смешни.
Рама во долга објава на социјалните мрежи изјави дека Владата на Албанија комуницирала со највисоките нивоа на Евроатлантската алијанса за да ја гарантира безбедноста на северот на Косово.
„Како дел од поддршката на Албанија за гарантирање на безбедноста на северот на Косово и преземање контрола од КФОР, во оваа фаза кога постои алармантен ризик од ескалација на конфликтот, комунициравме на највисоко ниво на евроатлантската алијанса и изразивме максимум готовност. Од друга страна, на сојузниците им ги пренесовме причините за нашето несогласување со последното соопштение на ЕУ, продолжувајќи да го бараме нивниот јасен став, во врска со вооружената криминална група која го уби косовскиот полицаец и по повод Денот на жалост во Белград“, напиша Рама на социјалната мрежа „Икс“.
Премиерот на Албанија ги потсети „оние во Приштина кои, како што рече, имаат време да користат лажни Фејсбук профили дека КФОР е НАТО, пренесува „Косово онлајн“.
„Потсетувам: КФОР е НАТО и не е окупаторска сила во име на Србија, ниту сила која ја дели територијата на Косово, туку напротив, многу голема гаранција во секој случај на закани!“, напиша Рама.
Тој рече дека такво барање испратила и претседателката на Косово, Вјоса Османи.
„Вчера јасно кажав дека ова барање е дадено од претседателката Османи и дополнително објаснив дека ова што го барам денеска нема никаква врска со она што го изразив пред неколку месеци, како страв дека тоа може да се случи доколку ситуацијата се влоши во отсуство на резултати од дијалогот. Бидејќи, како што објаснив вчера, „сè уште не сме таму“ и за да не одиме утре таму, КФОР мора што поскоро да ја преземе контролата врз северот“, напиша тој.
Рама нагласи дека сите го знаат фактот дека во секој случај и за секоја нова оперативна потреба на територијата на Косово, КФОР ги координира своите акции со државните власти на Косово и со безбедносните сили на Косово и затоа е болно колку што е и смешно што и во оваа многу сериозна ситуација за безбедноста на северот на Косово, политичари од јавни или лажни профили во Приштина се впуштаат во такви ниски манипулации со емоциите на своите граѓани, намерно искривувајќи ги неговите ставови.
Претходно денес и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека е потребна посилна улога на КФОР, особено на северот на Косово и дека не му пречи што КФОР го зголемува бројот на војници таму.
„НАТО не ни пречи, нека праќаат, така помалку Курти ќе дивее“, рече тој.