Повеќе од 2.500 мигранти загинале или исчезнале од почетокот на годината, обидувајќи се да стигнат до Европа преку Средоземното Море, изјави во четвртокот претставник на Високиот комесаријат на ОН за бегалци.
„Со 24 септември, повеќе од 2.500 луѓе се пријавени за мртви или исчезнати“ од почетокот на годината, што е зголемување за речиси 50 отсто во споредба со 1.680 лица во истиот период во 2022 година“, рече Рувен Меникдивела, директор на канцеларијата на УНХЦР во Њујорк, за време на состанокот на Советот за безбедност посветен на мигрантската криза во Медитеранот.
„Животите се губат и на копно, далеку од вниманието на јавноста“, инсистираше таа.
„Патувањето од Западна Африка или Источна Африка и Рогот на Африка до Либија и точките на поаѓање на брегот останува едно од најопасните во светот“, рече.
„Бегалците и мигрантите кои патуваат по копнени патишта од субсахарска Африка ризикуваат смрт и сериозни прекршувања на човековите права на секој чекор“.
Според објавените бројки, во периодот од 1 јануари до 24 септември 2023 година, вкупно 186.000 мигранти пристигнале во Јужна Европа (Италија, Грција, Кипар и Малта), од кои 130.000 во Италија, што е зголемување од 83 отсто годишно во споредба со истиот период во 2022 година.
Што се однесува до земјите на поаѓање, меѓу јануари и август 2023 година, повеќе од 102.000 мигранти се обиделе да го преминат Медитеранот од Тунис, а 45.000 од Либија. Од тој број, 31.000 се спасени на море или пресретнати и истоварени во Тунис, а 10.600 во Либија, додаде таа.
Осврнувајќи се на неодамнешните масовни пристигнувања на италијанскиот остров Лампедуза, директорот на канцеларијата на УНХЦР во Њујорк истакна дека Италија „не може сама да одговори на потребите“ на овие мигранти.
Таа го повтори повикот за „воспоставување регионален механизам за истоварување и прераспределба“ на луѓето кои пристигнуваат по море, што е контроверзно прашање меѓу земјите-членки на ЕУ.