Косово побара од Србија да ги екстрадира српските напаѓачи кои побегнаа по судирот со косовските полицајци на северот на Косово, во кој беа убиени тројца напаѓачи и еден косовски полицаец.
Напаѓачите вчера упаднаа во селото Бањска, се судрија со полицијата и се забарикадираа во српскиот манастир. Полицијата ја презеде контролата врз манастирот откако беа убиени тројца напаѓачи и еден полицаец.
Вооружени полицајци денеска претресуваа куќи во тоа село за да пронајдат околу 30 напаѓачи кои можеби избегале, изјави полициски извор. Новинарите не можат да влезат во селото. Косовските власти подоцна во текот на денот објавија дека веруваат дека некои од напаѓачите побегнале во Србија.
Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свецла изјави дека шестмина повредени членови на вооружената група се хоспитализирани во јужниот српски град Нови Пазар, во близина на границата на северот на Косово.
„Бараме Србија да ги екстрадира тие луѓе на косовските власти што е можно поскоро за да можат да бидат изведени пред лицето на правдата за нивните терористички акти, заедно со другите кои побегнаа во Србија“, рече Свецла за новинарите. Српската влада не одговори на барањето за коментар.
Косовската полиција на новинарите во Митровица им покажа околу 20 теренци и оклопен транспортер што го користеле напаѓачите. Три возила го имаа логото на КФОР. Полицијата, исто така, покажа запленето оружје и муниција, вклучително и автомати на поранешната југословенска армија, митралези, снајпери, гранати, противтенковски ракетни фрлачи, рачни гранати, мини и беспилотни летала.
„По вчера, ништо не може да биде повторно исто“, рече косовскиот премиер Албин Курти на церемонијата во чест на загинатиот косовски полицаец.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ги негираше обвинувањата на Курти дека Белград го организирал нападот. Тој го обвини Курти за поттикнување насилство преку блокирање на формирањето на заедница на српски општини на Косово, што беше одобрено од претходната косовска влада во 2013 година, и со честите полициски рации на северот на Косово.
Курти тврди дека давањето значителна автономија на Србите во северно Косово всушност би го поделило Косово по етнички линии.