Поранешниот министер и новодојденец на грчката политичка сцена Стефанос Каселакис (35) го презеде раководството на грчката левичарска партија Сириза, главната опозициска партија која се надева дека ќе се опорави од тешкиот изборен пораз што го претрпе оваа година.
Стефанос Каселакис е адвокат, поранешен соработник на Голдман Сакс, глобална инвестициска банкарска групација, транспортен претприемач и поранешен министер.
Како победник на партиските избори минатата недела, тој го презема раководството на партијата од Алексис Ципрас, жесток левичар чија реторика против штедење ги собра гласачите околу Сириза за време на должничката криза. Сепак, Ципрас беше принуден да поднесе оставка како лидер на партијата во јуни оваа година, откако Сириза на изборите освои само 18 отсто од гласовите.
„Да не го гледав капитализмот одвнатре, да не видев неправда поради парите, можеби немаше да бидам ни левичар“, објави Каселакис неодамна на својот Фејсбук профил.
Каселакис започна умерена кампања на социјалните мрежи во август, ветувајќи дека ќе ја собори Нова демократија, а потоа ќе порази пет партиски предизвикувачи, од кои повеќето беа високи членови на Сириза.
На изборите на Сириза на 16 септември тој успеа да освои 45 отсто од гласовите од вкупно 147.000 партиски членови, но неговата кандидатура ги подели поддржувачите на Сириза бидејќи многумина веруваат дека неговиот профил не одговара на традиционалната левица. Неговата победа, сепак, ги потресе политичките противници на Сириза кои го гледаат како закана.