ЗНАМ: Функциите се менливи, Македонија останува – отчетот е обврска, а не завршница


img-6595e86fad4afde3a62815653a42571a-v.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Две години откако ја презедоа одговорноста во Собранието и Владата,
избраните и именуваните функционери на Движењето ЗНАМ – за Наша
Македонија пред граѓаните го презентираа својот отчет за работата,
одлуките и резултатите постигнати во изминатиот период. Пораката од
отчетот е јасна, политичкиот мандат не е привилегија, туку доверба која
мора да се оправда со конкретна работа и резултати.


Координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Проф. Бобан Карапејовски,
истакна дека за пратениците најважно не е само колку седници, закони или
амандмани стојат зад нивниот мандат, туку што направиле со довербата што
ја добиле од граѓаните. „Пет пратеници не се многу. Но, пет пратеници
што знаат зошто се во Собранието не се ни малку“ порача Карапејовски,
нагласувајќи дека политичката тежина не се создава само со бројки, туку
со подготовка, аргумент, став и доследност.

Во тој контекст, меѓу конкретните резултати тој ја истакна мерката за
55.000 вредносни ваучери од 15.300 денари за студентите, како и
парламентарните иницијативи поврзани со управувањето со мотоцикли до 125
кубни сантиметри со Б-категорија, средното полициско образование и други
прашања од безбедносниот систем.
„Пратеникот не е само човек што притиска зелено, црвено или жолто копче.
Пратеникот треба да знае зошто го притиснал и утре да може пред
граѓаните да го образложи тоа“ истакна Карапејовски. Тој порача дека
отчетноста не завршува со гласањето и дека мандатот не е сопственост на
пратеникот, тој е позајмен од граѓаните.

Говорејќи за владините политики, генералниот секретар на Движењето ЗНАМ
и министер за јавна администрација, Горан Минчев, порача дека
вистинската вредност на преземената политичка одговорност се гледа во
институциите, реформите и конкретните резултати што остануваат зад
работата на функционерите.
„Во изминатите две години напорно работевме на различни процеси, се
носеа одлуки со различен опфат и значење, но кога ќе се погледнат сите
заедно, всушност ја определуваат насоката во која се движи државата, кон
посилни институции, економска стабилност, подобри услови за развој и
поголема сигурност“ истакна Минчев.

Минчев исто така ги истакна реформите во јавната администрација,
правосудството и безбедносниот систем, зголемувањето на платите во
администрацијата, образованието, земјоделството, здравството, во
Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, како и
линеарното зголемување на пензиите и поддршката за јавниот сектор.
Во своето обраќање генералниот секретар на ЗНАМ се осврна и на
капиталните инвестиции со посебен акцент на локалната и патната
инфраструктура, енергетските објекти и слично.

„Зад секоја економска бројка стои човек. Зад процентот стои семејниот
буџет. Зад инвестицијата стои работно место. И токму затоа економската
стабилност е предуслов граѓаните да живеат посигурно и државата да има
простор да се развива“ нагласи Минчев.

Отчетот, како што порачаа Карапејовски и Минчев, не е ставена точка,
туку преземена обврска за она што следува.
„Направивме многу, но свесни сме дека граѓаните на Македонија очекуваат
уште многу повеќе“.

“Затоа што функциите доаѓаат и поминуваат, мандатите завршуваат, но
останува државата. Македонија останува трајна и непроменлива вредност,
наша татковина и наша љубов.“

Движење ЗНАМ – за Наша Македонија останува посветено на политиката што
се мери со работа, знаење и одговорност, а не само со зборови.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK