Неформалната група „Протест против убиствата на онкологија“ преку соопштение најави нов протест за денеска во 18 часот и ги повикаа граѓаните да излезат вечерва пред Владата.
„Повторно Ве повикуваме на протест во понеделник пред Влада, заедно во еден глас да го искажеме гневот и револтот против сиот криминал кој со години тлеел на Клиниката за Онкологија, но и во целосниот здравствен и политички систем. Ние бараме задоволување на социјалната правда, и тоа е возможно само ако се понесе одговорност за згаснувањето на животите на луѓето како резултат на корупцијата. Правда за жрвите мора да има!“, се вели во повикот.
„Протестот од Влада ќе продолжи пред зградата на Министерството за здравство каде ќе побараме одговорност за сите инволвирани во скандалот со Клиниката на онкологија, но и за обелоденување на информациите околу истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, вклучувајќи ги лицата од МЗ како што се претходните министри кои влијаеле за заташкување на случаевите.
Повторно нагласуваме и за тоа дека измени во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства, доколку ние тоа не го дозволиме“, се додава во повикот објавен на социјалните мрежи.