На иницијатива на Синдикалната организација на Народната банка, во соработка со нивните колеги од СФОМ и синдикалните организации на деловните банки, беше организирана донаторска акција за подобрување на условите за изведување на образовниот процес за децата од селото Дреновци. Вработените во Народната банка масовно се вклучија и одговорија на повикот за донација, којшто беше поттикнат од новинарска сторија за тешките услови во кои живеат и учат децата во ова мало прилепско село.
Училишниот прибор и опрема коишто беа собрани за време на донаторската акција им беа предадени на учениците и наставниците од селото Дреновци, при нивната посета на Народната банка, во чии рамки тие го посетија и Музејот на Народната банка, каде што имаа можност да ги видат најстарите монети коишто се дел од нашето вредно културно наследство.
Учениците и нивните наставници се сретнаа и со вработените од централната банка кои работат во доменот на финансиската едукација, кои накратко им пренесоа дел од знаењата за функционирањето на финансискиот и банкарскиот систем на нашата земја.
За време на посетата во Народната банка, групата ученици и наставници се сретнаа и со раководството на Банката. Во разговор со гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, беа запознаени со работењето на централната банка, при што беа истакнати заложбите на вработените и на институцијата за градење образование коешто отвора можности за развој на секое дете и поединец, како придонес кон поголем економски раст и развој на земјата. Токму финансиската едукација е еден од стратегиските приоритети на Народната банка, при што посебно внимание ѝ се посветува на едукацијата на младите, како носечки столб на иднината на општеството.