Претседателот Пендаровски: потребни ни се блиски врски меѓу Македонија и дијаспората

Pendarovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот Стево Пендаровски за време на работната посета на САД по повод учеството на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации, вчера попладне во Чикаго, како почесен гостин, присуствуваше и се обрати на донаторска вечера „Патишта кон просперитет“ во организација на  „Македонија2025“.

На свеченоста, претседателот Пендаровски го одликуваше главниот извршен директор на Боинг, Дејвид Л. Калхун со Орден „8 Септември“, за неговиот особен и посветен придонес во развојот и унапредувањето на македонско-американските стратешки и деловни односи и за економскиот напредок на нашата земја.


Претседателот Пендаровски го врачи и признанието „Diaspora Recognition Awards 2023“, коешто Македонија 2025, под негово покровителство, им го додели на Стенли Томас и на Влатко Андоновски, во чест на нивните придонеси и достигнувања.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски:

Почитувани организатори,

Почитувани гости,

Дами и господа,

Почитувани Македонки и Македонци,

Добра вечер!

Ми претставува особена чест и привилегија да бидам дел од вечерашнава вечера, во друштво на еминентни лидери и претставници на македонската дијаспора. Луѓе, кои не само што се успешни и почитувани членови на нивните заедници во САД и Канада, туку се и поединци кои вистински веруваат во Македонија, посветени пријатели и поддржувачи на вечната македонска кауза.

Организаторот на овој настан, „Македонија 2025,“ е една од водечките организации на македонската дијаспора, посветена на развојот и економскиот напредок на нашата татковина и нејзините граѓани уште од основањето во 2007 година. Со иницирањето и организацијата на овој настан тие уште еднаш ја потврдуваат нивната релевантност и визија за нашата подобра иднина.

А ова е далеку од единствен проект за нив. Освен бројните активности, вклучително и традиционалните годишни конференции, програмата за стипендирање на средношколци, Охридскиот камп за високо-технолошка извонредност во соработка со Кабинетот на претседателот кој успешно се одржува веќе три години, неодамна воспоставивме и по првпат го доделивме Признанието за особен придонес за истакнати членови на дијаспората. Наградата го вреднува исклучителниот придонес од страна на членови на македонската дијаспора во насока на зачувување и афирмација на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности.

Вечерва, би сакал да го истакнам повторно она што го кажав при првото доделување на ова признание: потребни ни се организации и поединци кои придонесуваат во градењето на блиски и продуктивни врски помеѓу Република Северна Македонија и нејзината дијаспора. Ова понекогаш значи и надминување на големите очекувања кои постојат и овде, но и кај сонародниците во татковината. Она што најпрво треба да го направиме е да ги оставиме настрана сентименталноста и емоциите, бидејќи она што ни е потребно е прагматизам.

Она што ни е потребно е ситуација во која сите сме победници, и оттука, наш заеднички потфат треба да биде отворање на патишта за што поблиска комуникација помеѓу нас, која цели кон нови иницијативи и инвестиции.

Почитувани пријатели,

Не е тајна дека живееме во турбулентни времиња. За жал, во изминатите неколку години бевме сведоци на разни кризи кои се хранеа една од друга, нарушувајќи ни ги мирот, благосостојбата и начинот на живеење, фрустрирајќи ги луѓето на сите континенти, понекогаш исправувајќи нѐ пред егзистенцијални предизвици. Тоа не е нешто својствено само за Македонија, Канада или САД – ова се прашања кои го засегаат човештвото.

Она што ни се случува се тектонски геополитички поместувања. Овој отворен и глобализиран свет се соочува со опасност која може лесно длабински да ги потресе неговите темели. Токму тоа беше и впечатокот кој многумина го споделија за време на Генералното собрание на Обединетите нации оваа година, каде јас ја изнесов македонската перспектива и начинот на кој сметам дека може да се олеснат негативните последици од глобалните превирања.

Мора да бидеме внимателни, мудро да ги користиме ресурсите кои ни се на располагање и да најдеме начин како да им помогнеме на најпогодените. Ова може да се постигне само преку емпатија, заедништво и солидарност. Да ги оставиме на страна за миг нашите лични амбиции и да одвоиме делче од нашето време за да придонесеме за доброто на нацијата.

На оваа донаторска вечера ги славиме македонската култура и традиција, уживајќи во македонска музика и кујна, опкружени со луѓе кои имаат мудрост, вештини и професионално искуство и секако, кои сакаат сето тоа да го споделат со нивните сонародници.

Вечерва, на некои од нив, со добра причина, ќе им биде доделено посебно признание за заслуги. Притоа, уште еднаш и од срце би сакал да кажам: навистина е привилегија да се биде во друштво на толку успешни луѓе од сферата на бизнисот, истакнати поединци и најважно, вистински патриоти. Уверен сум дека само преку следење на примерот на нашите големи лидери и заедничка работа, ќе можеме да придонесеме многу повеќе за многу понапредна Македонија.

Оптимист сум дека можеме да одиме подалеку од сите очекувања, но тоа може да се случи само преку искрена, поинтензивна и продуктивна соработка со секој од вас.

Почитувани пријатели,

Вечерва со нас е г. Дејвид Калхун, претседател и главен извршен директор на Боинг. Како симболичен гест на благодарност во име на сите македонски граѓани, би сакал да го одликувам со орденот „8 Септември“, едно од највисоките државни одликувања, како признание за неговиот непроценлив придонес во изградбата на македонско – американските деловни односи и поддршката за македонската економија. Знаете, со тек на време, некои професионални ангажмани одат подалеку од рамките на деловната комуникација и поставуваат силни темели за долгорочни пријателства.

Постои изрека која вели дека богатството на еден човек се мери во бројот на пријатели. Судејќи по ова, и покрај фактот што доаѓаме од мала држава, имаме многу големи пријатели кои нѐ охрабруваат да станеме подобри луѓе. Секако, се подразбира дека г. Дејвид Калхун е еден од нив, на што сме особено горди.

Мои драги Македонци, на самиот крај, дозволете ми да ви се заблагодарам за срдечната гостопримливост и да ви посакам многу здравје и радост. И секако, со зборовите на една стара македонска мудрост: „Македонки и Македонци, да даде Господ да се гледаме само за убави работи, да сте ми сите живи и здрави и здравје Боже, следниот пат да се видиме на изворот и коренот на македонштината, во Македонија!“

Ви благодарам!

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK