Секогаш треба да се има предвид дека финанска поддршка може да се обезбеди само доколку се има добро изработен проект, со комплетна проектна документација и со проект кој што ќе биде корисен за граѓаните, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на денешната посета на општина Боговиње.
-Подобрувањето на патната инфраструктура ја олеснува комуникацијата и отвора поголеми можности за развој на општината, но и на целиот регион. Проектот за изградба на локален пат од Палчиште го финансира Министерството за локална самоуправа преку Програмата за намалување на диспаритетите, со цел да им помогнеме и на помалите општини да реализираат инфраструктурни проекти кои што се важни за општината и за граѓаните. Вредноста на проектот е 14,4 милиони денари и во целост средствата ги обезбедува Министерството за локална самоуправа. Позитивно се оценети и во фаза на одобрување се и другите проекти. – истакна Пенов.
Како што вели тој, со регионален проект ќе се подобрува енергетската ефикасност со користење на обновливи извори на енергија преку поставување на фотоволтаици-вкупната вредност на проектот е 24 милиони денари, а се планира и урбана трансформација на Полошкиот регион, со воведување на е-услуги, што ќе ја олесни работата на администрацијата, но и ќе го олесни пристапот до услугите на граѓаните, во вредност од 13 милиони денари.
„Општината има проект и за развој на селата, за одведување на атмосверски води во село Пирок во вредност од 13,5 милиони денари, како и за развој на специфичните подрачја, со реконструкција на пат во село Пирок, во вредност од 11,6 милиони денари. Финансиската поддршка на проекти од страна на Министерството за локална самоуправа и од Бирото за регионален развој зависи и од подготвеноста на општината. Важно е општините да имаат готови и добри проекти со кои што ќе аплицираат“, заклучи министерот.