Еден од најпознатите супермодели од 90-тите, Линда Евангелиста, откри дека Жералд Мари ја малтретирал за време на нивниот петгодишен брак.
Таа ги пофали жените кои го обвинија за силување затоа што ѝ дале храброст да проговори за семејното насилство што го трпела додека била во брак со него.
Канадската манекенка беше во брак со Џералд од 1987 до 1993 година, а за тоа време тој беше шеф на канцеларијата на Elite Model Management во Париз.
Сега Линда (58) за првпат проговори за својот брак во документарен филм на „Епл ТВ-плус“, насловен „Супермодели“, во кој се појавува заедно со славните колешки од модните писти Наоми Кембел, Кристи Тарлингтон и Синди Крафорд.
„Сфатив дека можеби сум во погрешна врска. Полесно е да кажеш отколку да напуштиш насилна врска. Го разбирам тој концепт, затоа што го живеев. Не е само да се каже: сакам развод, се гледаме. Тоа не функционира така,“ вели таа во документарниот филм „Супермодели, пренесува „Дејли мејл“.
„Но, тој знаеше дека не треба да го допира моето лице, не треба да го допира она што заработува пари,“ додава Линда.
Се омажила за него кога имала 22 години, а заминала кога наполнила 27.
Во 2020 година, седум жени го обвинија Џералд за силување и сексуална злоупотреба, а Евангелиста призна дека верувала во нивните приказни и ги пофалила за нивната храброст. Таа откри дека токму овие девојки ѝ дале храброст да проговори.