Програмата на „Културно Лето Карпош 2023“ уште една вечер на плоштадот Делфина во населба Влае имаше прилагодена понуда за сите генерации и беше збогатена со разновидни изведби од културен карактер.
Присутните на втората вечер на плоштадот Делфина најпрвин беа расположени и насмеани од актерот Сашо Тасевски кој имаше отворен, непосреден и зајадливо искрен стенд-ап настап пред многубројната публика. Со својата препознатлива оригиналност и луцидност, користејќи ја слободата на говорот, Тасевски ги „купи“ присутните на „Делфина“ кои во уште една прилика уживаа со манифестацијата „Културно Лето Карпош 2023“.
Атмосферата кулминираше со настапот на Силвана Мучиќ и Влатко Плевнеш, подобро познати како Силви Бенд, кој уште од деведесетите ја забавуваат македонската публика. Особената популарност ја достигнаа после макфестовскиот хит „Ангели ме носат“ по што продолжи нивната богата кариера исполнета со прекрасни перформанси и хитови.
Преку музиката со убави емоции, македонското музичко дуо преку песните ги пренесе позитивните вибрации кон публиката која беше дел од карпошовата културна манифестација. Карпошани, кои во оваа прилика го исполнија плоштадот во населба Влае, со моќниот и одличен настап на Силви Бенд, уживаа во вечерта која наликуваше на едно вистинско концертно остварување. Препознатливите македонски изведувачи приредија незаборавна ноќ на плоштадот Делфина, а со своите песни ја придобија публиката која вчеравечер беше дел од карпошовото културно лето.
Вчерашното издание на „Културно Лето Карпош 2023“ помина во забавна атмосфера за карпошани кои имаа уште еден незаборавен помин на „Делфина“, каде вечерва ќе можат да присуствуваат на завршниот дел од оваа традиционална културна манифестација која ја организира Општина Карпош.