Даница Вукиќевиќ, добитничката на НИН-овата награда за најдобар роман напишан на српски јазик во 2022 година, деновиве гостува во Скопје во рамките на Меѓународниот книжевен фестивал „Про-за Балкан“. За време на нејзиниот престој, издавачката куќа „Арс Ламина“ организира специјален настан – промоција на наградениот роман „Внатрешно море“ и разговор со авторката и со преведувачот: Александар Прокопиев. Преводот на македонски јазик е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Србија.
Настанот со Даница Вукиќевиќ ќе се одржи на 19 септември (вторник) со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на улица „Македонија“. Претставувањето на романот и разговорот со авторката и со преведувачот ќе го води Оливера Ќорвезироска од издавачката куќа „Арс Ламина“, уредничка на изданието.
„Внатрешно море“, освен што е прво дело преведено на македонски јазик од Даница Вукиќевиќ, е и прв роман на оваа авторка со значаен книжевен багаж. Роман – вистинска книжевна авантура, која го крши нашиот реален свет на парампарчиња и одново го составува, без ни најмала амбиција новосоставениот свет да биде совршен, туку само барем малку поразличен отколку што е… Роман – толку свој, толку различен, толку радикално фрагментарен, толку радикално посебен.
Всушност, „Внатрешно море“ е несекојдневна збирка на записи, цртички, мини-есеи, лирско-наративни фрагменти вмрежени и обединети сo јас-раскажувачкиот глас, најверојатно гласот на самата авторка. Таа е и наратор и обединувачки лик, нејзиниот женски глас во текстот, како што нагласува и самата на различни места во најразлични форми, е глас на избор, не на нужност. Имено, нарекувајќи го „Внатрешно море“ свој книжевен холограм, Вукиќевиќ нагласува дека го избрала женскиот глас како еден од можните наративни гласови, како еден од изборите што секогаш им стојат на располагање на писателите. Станува збор за женско писмо по избор, за наративна одлука, не за заложба, ниту, пак, за какво било инсистирање.
Овој формално инвентивен книжевен текст го преиспитува и го демонтира светот во кој живееме денес, занимавајќи се токму со егзистенцијата на микро- и на макро-план, личната и општествено-политичката.
„Внатрешно море“ е недисциплиниран, непослушен текст, кој, негирајќи го романот таков каков што го знаеме, истовремено станува одлична верзија на негираното: роман во впечатлива ововременска смисла на зборот, роман – книжевна авантура.
Даница Вукиќевиќ пишува поезија, проза, книжевна критика и есеи. Живее и работи во Белград. Автор е на десетина поетски збирки, две книги со кратка проза и една збирка раскази.
Романот „Внатрешно море“ е нејзин прв роман.
Добитник е на наградите: „ПроФемина“; „Билјана Јовановиќ“; „Милица Стојадиновиќ-Србинка“; на Кондирот на Косовка девојка и НИН-овата награда за роман за 2022 година.
Нејзини дела се преведени на шпански, англиски, германски, полски, француски, грчки, македонски, холандски…