Милијардерот Илон Маск ги налути тајванските власти објавувајќи дека островот е дел од Кина.
„Слушајте, Тајван не е дел од Народна Република Кина и секако не е на продажба!“, рече министерот за надворешни работи Џозеф Ву на мрежата X, која е во сопственост на Маск.
На деловниот самит оваа недела, Маск го спореди Тајван со Хаваи, нарекувајќи го „интегрален дел“ на Кина.
Пекинг го смета Тајван за своја територија со одредена самоуправа, а од минатата година се зголемија тензиите во нивните односи, особено по потезите на високи американски функционери, како посетата на Ненси Пелоси, тогашна претседателка на Долниот дом на американскиот Конгрес.
Кина потоа спроведе големи воени вежби околу Тајван и тоа го повтори оваа недела.
Тајван соопшти дека открил повеќе од 40 кинески воени авиони и околу 10 бродови во неговите води.
Ова не е првпат Маск, кој има деловни интереси во Кина, да ја налути владата на Тајван, анализираат медиумите.
Во октомври, тој рече дека тензиите во односите може да се решат со давање на Кина одредена контрола над Тајван.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“, тој тогаш рече дека верува оти двете влади би можеле да постигнат „разумно прифатлив“ договор.
Кинескиот амбасадор во САД го пофали Маск, но неговиот тајвански колега тогаш изјави дека „слободата не е на продажба“.
Реагирајќи на последната забелешка на Маск, тајванскиот министер за надворешни работи Џозеф Ву исто така напиша дека социјалната мрежа на Маск, порано позната како Твитер.
Ву претходно изјави дека воените вежби на Кина имаат за цел да влијаат на изборите во Тајван во јануари.
„НР Кина [Народна Република Кина] јасно стави до знаење дека сака да ги обликува претстојните национални избори во Тајван. На нашите граѓани им останува да одлучуваат, а не на насилникот од соседството“, напиша тој.
Претходно Маск имаше предлог за решение на војната во Украина, што ја налути владата во Киев.
Производителот на електрични автомобили „Тесла“, во сопственост на Маск, има голема фабрика во Шангај.
Маск последен пат ја посети земјата во мај кога се сретна со највисоките кинески претставници.
Кинеското Министерство за надворешни работи тогаш објави дека компанијата на Маск е подготвена да ги прошири операциите во Кина.
Неговата посета привлече големо внимание со оглед на тоа што односите меѓу Кина и САД беа многу затегнати во последните години.
И покрај продолжувањето на дијалогот на високо ниво, двете земји сè уште не се согласуваат за голем број прашања, вклучувајќи го и Тајван.
САД одржуваат како што го нарекуваат „силни неофицијални односи“ со Тајван, но имаат формални дипломатски врски со Кина, а не со Тајван.