Италијанско учество на Аеромитинг по повод 100 години македонска авијација

100год
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во сабота, 16 септември, Аероклубот Скопје ќе прослави сто години македонска авијација, со голем Аеромитинг, кој ќе се одржи на спортскиот аеродром Стенковец. Италија, којашто исто така оваа година прославува стогодишнина од создавањето на Воените воздухопловни сили, чии авиони “Frecce Tricolori” или “Тробојни стрели“ важат за најдобра аеробатска ескадрила во светот, со задоволство ќе учествува на настанот со прелет на воен ловец „Еурофајтер“.

Свеченото отворање ќе започне во 11:00 часот со поздравен говор на Премиерот Ковачевски, Амбасадорот Силвестри и на претставници на Аероклубот – Скопје. Потоа ќе следат акробатски летови, скокови со падобран, прелети на воени и цивилни воздухоплови, a на аеромитингот ќе учествуваат и многубројни цивилни и воени летала од земјите на регионот и пошироко.



Историјата на Италијанските воздухопловни сили започнува во 1923 година, а нејзина главна карактеристика е континуираната технолошка еволуција, која во комбинација со истакнатата посветеност, професионалност и храброст на персоналот во служба, сочинува еден извонреден корпус, кој отсекогаш имал клучна улога во меѓународните хуманитарни мисии и во заштитата на воздушниот простор, не само во Италија туку и надвор од нејзините национални граници.

Во следните месеци, Италија исто така ќе даде и конкретен придонес во активностите за воздушна патрола на небото на Македонија, во својство на нејзин стратешки партнер во рамки на мисијата „AIR Policing“ на Атлантската алијанса.

На Аеромитингот со свој штанд ќе биде присутна и компанијата Леонардо, со седиште во Италија, која е една од десетте најдобри глобални оператори во воздушниот, одбранбениот и безбедносниот сектор и е позната по своите најсовремени технологии.

Италијанското учество на настанот – отворен за сите вљубеници на воздухопловството – е дел од иницијативите промовирани од Амбасадата на Италија во Скопје за одбележување на триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Италија и Македонија.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK