Во Скопје се одржа Регионален форум: Родова еднаквост во пристапните процеси во ЕУ, во организација на Коалицијата за родова еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ (EQUAPRO).
Настанот ја стави родовата еднаквост во центарот на политичката дебата поврзана со процесот на пристапување во ЕУ и овозможи форум за дискусија каде различните регионални чинители заеднички рефлектираа тековни и минати искуства во врска со унапредувањето на родовата еднаквост при процесите за пристапување кон ЕУ и разменија примери на добри практики за родово чувствителен процес на пристапување во ЕУ за сите земји од ЗБ.
За време на поздравните обраќања, Биби Грамсон, заменичка на амбасадорката на Шведска, Шведска амбасада Скопје, ја потенцираше родовата еднаквост, првенствено како човеково право и основна вредност на која се темели Европската Унија. Таа нагласи дека родовата еднаквост е предуслов за демократски и економски напредок во нашите општества, за што клучно е да работиме заедно, вклучувајќи ги сите засегнати страни преку интерсекциски пристап.
„За жените и девојките да играат целосна улога во нашите општества – и нашите општества да го достигнат својот целосен потенцијал – треба да се справиме со структурните прашања што ги спречуваат жените од еднакво и значајно учество. Затоа, употребата на холистички пристап кој вклучува прашања за инклузија, законодавство и политика е од клучно значење.“ – рече Грамсон во своето обраќање.
Стина Магнусон Бур, раководителка на канцеларијата за Западен Балкан, Фондација Квина тил Квина, го посочи диспаритетот кога станува збор за позиции на моќ, каде жените не се подеднакво застапени.
„Жените треба да се консултирани во сите политички одлуки и политички области, бидејќи претставуваат половина од населението.“ – рече Магнусон Бур. Таа потенцираше дека доколку родовиот аспект не е вклучен, политиките и законите што ги регулираат ќе бидат ограничени и ќе влијаат на важни аспекти од развојот на општеството и обезбедување еднаков пристап и права за сите.
„Родовата еднаквост мора да се вгради во секој аспект со цел да се обезбедат вклучувачки и трансформативни политики; сѐ додека не постигнеме целосна родова еднаквост, мораме да размислуваме низ призмата на родовите прашања за сите одлуки што ги носиме“. – додаде таа.
Тања Иванова, претседателка, Реактор – Истражување во акција, даде увид во активностите на регионалните партнери во оваа насока и уште еднаш нагласи дека е неопходно е да се земат предвид правата и потребите на сите мажи и жени со сите нивни различности при креирање на политиките и развојните мерки ако сакаме да имаме праведни и еднакви општества.
Во рамки на трите тематски целини панелистите дискутираа за родовите прашања во политичкиот дијалог, за вклучувањето на родовата перспектива во пристапните и поврзаните политики на ЕУ; и за важноста на вклучувањето на граѓанските организации во структурите на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и останатите пристапни процеси поврзани со Европската Унија.
Зборувајќи за родот во политичкиот дијалог и процесите на пристапување во ЕУ, Н.Е. Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија при Делегацијата на Европска Унија во Северна Македонија, нагласи: „Родово еднаквите општества се попросперитетни, побезбедни и праведни. Во таа насока, родовата еднаквост не се однесува само на жените, туку на сите граѓани и на општеството во целина. Борбата против родовите нееднаквости, како и зајакнувањето на жените и заштитата на женските права и активистите во рамки на ЕУ и надвор од ЕУ се приоритети за сите нас.“
„Дополнително, аспектот на родова еднаквост е неизоставен дел од сите фази на пристапување и нивоа на политики“. – додаде тој.
Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика (Министерство за труд и социјална политика на Северна Македонија), потенцираше дека прашањето за родовата еднаквост е едно од круцијалните прашања кога зборуваме за политичкиот дијалог и процесот на пристапување кон Европската Унија. Таа изрази верување дека во процесот на пристапување во ЕУ, следејќи ги и транспонирајќи ги директивите на ЕУ, во нашето законодавство ќе ги вклучиме и родовите перспективи во политиките, што веќе се рефлектира и во стратегијата за родова еднаквост која државата ја донела во 2022 година, како и акцискиот план за имплементација на оваа стратегија.
Дрита Абдиу Халили, државна секретарка и заменичка на главниот преговарач со ЕУ (Секретаријат за европски прашања), во своето обраќање нагласи дека жените не бараат повеќе или помалку од мажите, тие бараат еднаквост, а работата на владите, во соработка со сите важни чинители, е да им обезбедат еднакви можности и на жените и на мажите.