Поранешниот претседател на Шпанската фудбалска федерација, Луис Рубиалес, во петок ќе биде сослушан во судот во Мадрид. Тој ќе мора да одговори на обвинувањата за „сексуален напад“, откако Шпанија ја освои титулата светски шампион.
Во понеделникот, судијата Франциско де Хорхе го одобри барањето на обвинителството за покренување постапка против Рубиалес за „сексуален напад“ и „злосторство на принуда“.
Шпанското јавно обвинителство, кое започна прелиминарна истрага на 28 август, побара Рубиалес да биде сослушан како обвинет, а фудбалерката Џени Ермосо како жртва, откако доби жалба од самата фудбалерка.
Во неделата Рубиалес поднесе оставка од функцијата претседател на Шпанската фудбалска федерација по големиот притисок и остри критики од јавноста, откако на 20 август на подиумот без нејзина согласност ја бакна во уста Ермосо.