Во Скопје денеска почна самитот на лидерите на процесот Брдо – Бриони.
Домаќини на средбата се претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ и претседателката на Словенија, Наташа Пирц-Мусар.
Тие ги пречекуваа лидерите на останатите земји учеснички во Процесот во хотелот „Хилтон“ каде што се одржува состанокот
Присутни се и српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи, албанскиот претседател Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, и членовите на претседателството на БиХ Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.
По пленарниот состанок, претседателот Пендаровски ќе одржи заедничка прес-конференција со словенечката претседателка Пирц Мусар и со претседателот на Хрватска Милановиќ.
Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје се европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите.
Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ.
Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.
Лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони се состануваат најмалку еднаш годишно.
На состанокот се акредитирани 125 претставници на медиумите, 72 од нашата држава и 53 од странство.