“Во изминативе 32 години имавме многу моменти на славење, но и на големи разочарувања. Се соочивме со многу пречки, многу негирања, многу барања, но сепак опстојуваме. Имаме трасиран пат и силно изразена одговорност кон иднината. И од тоа не отстапуваме. 32 години по осамостојувањето, Р. Македонија е соочена со голем предизвик. Од нас се бара да се откажеме од својот идентитет, да го негираме сопствениот јазик, да ја менуваме историјата. Сето ова е производ и на внатрешната слабост, на несоодветна дипломатија, на немање капацитет и на грешни луѓе на грешни места. Ова се најзначајните моменти во постоењето на македонската држава. Никогаш како до сега, треба да бидеме сплотени, единствени, да искажеме став и да се бориме за тоа што е наше. Ќе биде тешко, ќе чекориме по трнлив пат, но ве уверувам дека ќе успееме. Македонија е на сите. Македонци, Албанци, Роми, Турци, Срби, Бошњаци и сите други граѓани кои живеат во нашата држава”, порача градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски во неговото обраќање по повод одбележувањето 32 години од самостојна и суверена Македонија.
На Р. Македонија и следи период на промени, претстои процес на докажување на нашите државнички, цивилизациски и европски вредности според Димитриевски, повикувајќи ги сите граѓани без разлика на нивната верска или етничка припадност за заедничко исполнување на зацртаните цели за влез во Европската унија, но не по секоја цена.
“Тоа значи исчезнување на македонската нација. На Македонија и е потребен нов систем, нови луѓе кои се реализирани и докажани во своите професии, имаат визија, знаат што сакаат и знаат тоа како да го исполнат. На Македонија и се потребни независни и транспарентни институции, независно обвинителство и судство, постојан дијалог помеѓу политичките чинители, независен граѓански невладин сектор, слободни медиуми и политичари кои носат одлуки во интерес на граѓаните. На Македонија и е потребно почитување на законите, почитување на Уставот, на Македонија и се потребни лојални граѓани, лојалност која не подразбира послушност туку претставува почитување на правниот поредок. Но најмногу од се, на Македонија и е потребна правда. А правдата ќе стигне. И тоа за секој како што заслужува”, силно порача Димитриевски.
Тој ги повика сите актуелни чинители да го следат примерот на предците кои се бореа токму за независна и суверена Македонија, да се почитуваат и соработуваат пред се обезбедувајќи подобар живот за граѓаните кои треба да се чувствуваат гордо и достоинствено во сопствената земја.
“Ние мора да претставиме визија за развој на нашата земја. Само така ќе може да се доближиме до европските вредности. Куманово е вистински пример за развој, соживот, слога и испорачани проекти. Јас како градоначалник на оваа мултиетничка општина, заедно со мојот тим и понатаму ќе продолжам да ги реализирам ветените проекти, со цел Куманово да стане модерна општина и пристојно место за живеење. Како граѓанин на оваа држава, посакувам што побрзо да тргнеме на прав пат, да си ја сакаме и почитуваме државата, искрено и без демагогии да создадеме вистинска иднина со вистински вредности”, рече градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.