Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово во Тетово се обрати на првата работна сесија во рамките на конференцијата организирана од македонското претседавање со ОБСЕ посветена на „Родовата еднаквост и еманципација на жените“, на која се осврна на унапредувањето на вклученоста и лидерството на жените во градењето на мирот и менаџирањето на конфликтите.
Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ООН побарува вклучување на жените во сите области на градење на мирот и превенција на конфликти, укажа министерката и порача дека без придонесот на жените не е можен одржлив мир и безбедност.
„Жените имаат многу важна улога учествувајќи во мировни преговори и во процесите на донесување на одлуки. И, тука не зборуваме за бројки, туку за клучни вредности и квалитет. Зборуваме за градење и позиционирање на жени – лидери кои го користат својот интелект, вештини и потенцијал за градење на одржлив мир“, рече министерката. Таа порача дека клучната карактеристика на жените – лидери е нивната храброст и додаде дека тоа е нешто што можеме да го видиме секој ден преку храбрата борба на украинските жени, цивили и во униформа, за слободата на нивната земја и безбедноста на украинскиот народ.
Петровска подвлече дека не смееме да дозволиме жени – професионалци во своите области кои работат неуморно и посветено да останат незабележани и дека мораме да работиме посветено за женското лидерство да биде составен и неразделен дел од современата безбедносна архитектура.
Во однос на местото и улогата на жените во Северна Македонија, министерката Петровска посочи дека и претставува чест што води едно од покомплексните министерства – одбраната и дека тоа треба да биде уште една гласна порака за сите млади жени да веруваат во себе и да изберат да бидат дел од одбранбениот сектор зашто жените навистина можат да направат разлика.
„Во Северна Македонија, препознавањето на ова општествено прашање и силната посветеност на политичките чинители нè доведоа до денешните над 40% жени во македонското собрание. Ни треба и повеќе жени – министерки во Владата. Како министерка за одбрана повеќе од една година, не можам да бидам задоволна ако не видам повеќе жени на лидерски позиции и затоа ние, жените лидери мораме да мотивираме и да поттикнеме повеќе жени да бидат успешни“, рече Петровска.
Министерка додаде дека во Министерството континуирано се работи на развој на културата за родова еднаквост и родова перспектива и порача дека резултатите се видливи – на последниот конкурс за прием на питомци на Воената академија од 35 примени питомци, 14 се жени. Порача дека Министерството е посветено на соработката со невладиниот сектор на ова поле.
Пред панелот на кој учествуваа истакнати жени од академската заедница, а преку видео-конференциска врска се вклучи и Катерина Левченко, владин комесар за родова еднаквост на Украина, говореше и Елиса Фернандез, заменичка-регионален директор за Европа и Централна Азија на UN Women, која се заблагодари на Северна Македонија за организирањето на конференцијата. Фернандез порача дека вклучувањето на жените во градењето на мирот е од витално значење за еден одржлив свет. Таа посочи на неколку препораки како поддршката за невладиниот сектор во оваа област, стабилното финансирање на активностите и зголемувањето на вклученоста на жените во процесот на донесување на одлуки.
Целта на првата работна сесија насловена „Жени, мир и безбедност: зацврстување на вклученоста и лидерството на жените за инклузивно градење на мирот и менаџирање на конфликти“ е преку размена на искуства на жени – лидери и жени кои се дел од академската заедница да се укаже на важноста и начините за надминување на бариерите во вклучувањето на женската перспектива во превенцијата на конфликтите, кризниот менаџмент и активностите за окончување на конфликти.