Нема да имате евтина струја од 1 декември ако не дозволите читање на броилото, ЕВН апелира да за непречен пристап на читачите  

Нема-да-имате-евтина-струја-од-1-декември-ако-не.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Евтината тарифа на струјата во период од 13 до 15 часот, која се враќа од први декември, ќе им биде достапна на домаќинствата кои имаат ‘смарт’ броила и кај оние кои ќе овозможат непречен пристап на читачите на броилата од ЕВН кои заедно со читањето ќе вршат и сетирање за новата тарифа.


Сашо Салтировски, директор на ЕВН Електродистрибуција денес по посетата на лабораторијата за тестирање на броилата во Бутел, апелираше корисниците да обезбедат пристап до струјомерите доколку сакаат да ја користат евтината струја.

„При крај сме со подготовките, како што ветивме, до 1 декември се ќе биде подготвено. Дел од броилата се ‘смарт’, таквите ќе ги прилагодиме што би се рекло преку ноќ и веќе од 1 декември 200.000 корисници ќе имаат сетирани тарифи, а останатите би биле во текот на месецот. Многу ќе зависи од потрошувачите. Ги замолувам сите граѓани броилата да бидат достапни, да можат нашите читачи да ги прочитаат бидејќи во текот на читањето се прави сетирањето на броилата. Сите оние кои ќе бидат достапни во текот на месец декември ќе бидат сетирани. Тоа најмногу ќе зависи од достапноста на броилата“, рече директорот Салтировски.

Броилата се читаат еднаш месечно и оние кои ќе бидат достапни веднаш ќе бидат прилагодени за евтината струја и преку ден.

„Тоа оди оптички, се оди со еден уред од броило до броило и при читањето софтверот ги сетира“, појасни директорот Салтировски.

Во Арачиново, кое изминативе години беше еден од најголемите неплаќачи на струја, Салтировски вели дека броилата се веќе извадени на улица, загубите се сведени на 10 проценти во јуни и јули, што се смета за техничка загуба и кај нив сетирањето за евтината денска тарифа ќе биде веднаш направено.

Салтировски рече дека екипите на ЕВН работат насекаде низ земјата и оти загубите се проблем насекаде.

„Скопје е регион со најголеми загуби. Тетово има помали загуби од Битола. Тоа не е секогаш поврзано етнички како што беше прикажано. Кичево и Струга имаат мали загуби, во Скопје загубата на струја е 20%. Дали сте во Лисиче, дали сте во Драчево, особено во руралниот дел каде што нема колективни згради, секаде има загуба“, рече директорот Салтировски.

Проблемите се надминати и во Општина Липково, за која Салтировски вели дека ќе биде првата општина во земјава целосно покриена со ‘смарт’ броила.

Евтината струја преку ден беше укината од 1 јануари 2022 година, кога беа воведени блок-тарифитие.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK