На МОН првпат му се заканува тужба за дискриминација, без ниту еден учебник почна годината за трето- и за шестооделенците

На-МОН-првпат-му-се-заканува-тужба-за-дискриминација-без.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Од вкупно 126 учебници, потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на оваа школска година Министерството за образование не обезбедило 43 учебници,  односно недостигаат 34% од учебниците, соопшти денес Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. На Министерството за образование му се заканува тужба за дискриминација од Комисија оти, како што извести Весна Бендевска, со комплет учебници оваа година ја почнаа само прво и второ одделение. Образование не успеало да го отстрани недостигот на учебници констатиран во мај годинава, а поради огромниот број дискриминирани ученици, Комисијата има можност да поведе тужба пред судот, покрај можноста да покрене прекршочна пријава.



„Само учениците од прво и второ одделение ќе имаат учебници по сите наставни предмети, на сите наставни јазици. Учениците од трето одделени ја почнуваат учебната година без ниту еден учебник. Учебниците по македонски, албански, турски и босански јазик не се готови.  Допрва следи, како што пишува МОН печатење, преведување и дистрибуција. Можеме да претпоставиме во каков временски период ќе се случи ова, но МОН ова го нарекува ‘учебникот е завршна фаза’. Во истата фаза се наоѓаат и учебниците по природни науки и општество за трето одделение. Учебникот по српски јазик нема ниту одобрение од Националната комисија за учебници. Ќе нема учебник по математика, ниту пак досега е распишан јавен повик за формирање на авторски тим, а овој учебник ќе мора да биде преведен и на сите јазици на кои се одвива наставата“, вели Весна Бендевска од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Учениците кои ја слеат наставата на албански, турски и босански јазик од четврто, петто и шесто одделение нема да имаат учебник по македонски јазик, иако им е задолжителен предмет. Министерството ја известило Комисијата дека причина за тоа е што пријавените автори биле „несоодветни според нормативот за наставен кадар“.

Ракописот за петто одделение не бил одобрен од Националната комисија откако ги поминал сите фази. Бил одобрен, бил рецензиран, бил лекториран, но Националната комисија го отфрлила, додека за учебникот по македонски јазик за заедниците за шесто одделение никој не пројавил интерес и не е формиран авторски тим.

Учениците од петто одделение ќе немаат учебник по новиот предмет историја и општество.

„Тоа е истиот оној учебник кој беше одобрен од Националната комисија уште во ноември 2022 година, отпечатен и дистрибуиран до училиштата, но заради клучни содржински грешки, Монт Еверест чинам беше висок 22 километри, а Бугарија беше нашиот западен сосед. Тој учебник се повлече од употреба во мај 2023 година. МОН во документот тврди дека во меѓувреме обезбедиле нов авторски тим и ракописот бил во фаза на одобрување. Рана фаза“, рече Бендевска.

Учениците од шесто одделение оваа година ќе немаат учебник по ниту еден задолжителен предмет од вкупно 10 наставни предмети за кои се уште нема ниту одобрување.

„За учебникот по историја и општество не бил доставен ниту еден ракопис. За учебникот по српски јазик МОН велат дека се пријавиле автори кои биле несоодветни според нормативот за наставен кадар па повторно објавиле повик за формирање авторски тим. Учебникот по математика бил во завршна фаза на одобрување, но да не заборавиме дека истиот ќе мора да биде преведен и на сите останати јазици“, објасни Бендевска.

Учениците од седмо, осмо и деветто одделение оваа година наставата ќе ја следат посред старата програма. МОН најави дека реформата ќе ги зафати нив од следната учебна година.

„Ова претпоставува дека тие ќе ги користат старите учебници, освен учебникот по географија кој иако е одобрен, не може да се користи поради, како што наведуваат, проблеми со преносот на материјалните авторски права со авторот. За предметот историја за седмо одделение се два учебници. Историја за осмо одделение и историја за деветто одделение, два учебника од различни издавачки куќи. МОН, цитирам, во моментот не нарачува дополнителен тираж, заради историската комисија. Овие пет -шест учебници не се земени предвид во учебниците што недостигаат. Комисијата не може да утврди дали учениците ќе ги користат постојните учебници или не“, вели Бендевска.

Недостасуваат и вкупно 20 учебници по странски јазици, како прв и втор предмет за сите одделенија од прво до деветто. Тие се уште немаат одобрение за употреба кое го дава педагошката служба како орган при Министерството. Бендевска извести дека за сите постои забелешка дека се во напредна фаза на одобрување, но не може да се претпостави колку ќе трае оваа фаза.

Комисијата утврдила дека МОН не ја отстранило констатираната повреда на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема популација ученици од основното образование во зададениот рок, 31 август.

„Констатираната дискриминација не само што не е отстранета за оваа учебна година туку е од многу поголеми размери од оние кои Комисијата ги утврди на крајот на јуни 2023 година. Голем број ученици кои учат на сите различни наставни јазици во основното образование остануваат без учебникот како основно средство за стекнување знаења. Таквите форми на дискриминација законот ги препознава како структурни, системски, дискриминација што ја прават институциите. Во таков случај Комисијата, согласно закон, има право да поведе пред суд тужба од јавен интерес против државните институции кои не ја отстраниле дискриминацијата. Следната седница, која е во текот на оваа недела, како известител по овој предмет, ќе го елаборирам ова пред членовите, и ќе донесеме конечна одлука. Тоа ќе биде прв случај Комсијата да побара ваква судска заштита“, рече Бендевска.

Министерот за образование Јаетон Шаќири, минатата недела на посебна прес – конференција извести дека се обезбедени сите учебници во електронска верзија, најголем дел се и отпечатени, а мал дел се печатат и ќе бидат доставувани до училиштата во текот на септември.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK