Седум од 10 јужнокорејски граѓани се против јапонското испуштање обработена радиоактивна вода од Фукушима, објави денеска кинеската ЦТВ. Повикувајќи се на истражувањето на компанијата „Рисерч вју“, ЦТВ наведува дека од 1.000 испитаници, 72,4 отсто се изјасниле дека се против пуштање вода, додека нешто повеќе од 20 отсто ја одобруваат постапката.
Меѓу оние кои се изјасниле како гласачи на либералните партии, 83,8 отсто биле против испуштање во морето, додека 61,3 отсто од конзервативните гласачи биле против испуштање отпадни води.
Резултатите од истражувањето исто така наведуваат дека спротивставувањето во јавноста е во опсег од 60-80 проценти, без разлика на пол, возраст и регион.
Вкупно 78,3 отсто од испитаниците рекле дека Јужна Кореја треба да го забрани увозот на сите јапонски производи од морска храна, додека 18,5 отсто биле против забраната за увоз.
Погодена од големиот земјотрес и цунамито што следеше во март 2011 година, нуклеарната централа Фукушима претрпе топење на јадрото и контаминираше огромна количина на вода со радиоактивни материи поради ладењето на нуклеарното гориво.
На 24 август, Јапонија почна да испушта преработена отпадна вода во Тихиот Океан.
Претходно медиумите објавија дека антијапонското расположение во Кина се зголемило по испуштањето на прочистена радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима во морето, а се регистрирани се почести случаи на заканувачки телефонски повици и апели на интернет за бојкот на јапонските производи.