Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска вечерва на отворената трибина „Ние сме Европа“ зборуваше за вредностите кои Владата ги носи преку мерки и политики, а го трасираат патот на државата кон Европската Унија.
„Република Северна Македонија е единствена земја надвор од Европската Унија која од 2018 година ја спроведува Гаранцијата за млади и не само што ја спроведуваме, туку дава и одлични резултати. За имплементацијата на оваа програма добиваме позитивни оценки и од Европската комисија, а доказ за тоа се над 80 000 млади вклучени во оваа мерка од 2018 до денес од кои 45% добиле вработување“ истакна Тренчевска.
Таа се осврна и на новиот предлог Закон за работни односи.
„Предлог законот за работни односи носи европски вредности, вклучувајќи ја работата од дома и работата од далечина. Се она што е привлечно за младите на пазарот на трудот го овозможува овој закон. Со овој закон им овозможуваме на младите да направат баланс меѓу приватниот и професионалниот живот. Законот ги овозможува новите институти мајчинско, татковско и родителско отсуство, со тоа ќе можат и татковците да се вклучат во растот и развојот на децата, со што уште еднаш ги потврдуваме семејните вредности“ рече министерката.
Своето обраќање го заокружи со истакнување на причините кои ја водат кон посветени заложби за влез на државата во Европската Унија истакнувајќи дека државата веќе вистинските вредности ги има.
„Мојата генерација е 20 години во чекалната на Европската Унија, изгубивме многу. Затоа сега како министерка имам должност кон младите посветено да работам Република Северна Македонија да стане дел од Европската Унија. Ние сме Европа и во 2030 година ќе го потврдиме сето тоа“ изјави Тренчевска.