Вељаноски за уставните измени: Владата не требаше да покрене постапка без да обезбеди мнозинство

trajko-veljanoski-701x394.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски преку писмено соопштение ја коментираше иницијативата за пристапување кон измена на Уставот. Како што вели тој, основно правило, но и правило од праксата за пристапување кон измена на Уставот е веќе обезбедно 2/3 мнозинство пратеници.


Според него предлагачот на иницијативата кон измена на Уставот, во овој случај Владата, воопшто не требало да си дозволи да покрене ваква постапка без предходно обезбедено 2/3 мнозинство.

„Во досегашната пракса на Собранието на Република Македонија никогаш не се случило да се покрене постапка за измена на Уставот без претходно обезбедена политичка согласност од најмалку 2/3 од пратениците. Единствен исклучок е оваа постапка и насилната постапка за измена на Уставот по Преспанскиот договор.

Согласно член 196 став 1 од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија претресот за измена на Устав трае 10 работни денови и по завршување на претресот се пристапува кон гласање. Денес, на 1 септември завршуваат десетте работни денови откако беше отворена постапката и завршена расправата за измена на Уставот на собраниската седница број 123, закажана и одржана на 18 август.

Гласањето мора да се случи најдоцна денес. Секое спротивно постапување не е во согласност со Деловникот“, пишува Вељаноски.

„Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија не дозволува неизвесност со постапката од толку високо значење.

Во согласност со Уставот на Република Македонија односно неговиот член 67 и во согласност со Деловникот за работа на Собранието, односно неговите член 6 и член 60, Претседателот на Собранието единствено го претставува Собранието и се грижи за примената на Деловникот и за остварување на правата на сите пратеници подеднакво.

Политичките одлуки ги носи Собранието, а не Претседателот на Собранието.

За излез од оваа ситуација потребно е согласно член 67 став 2 од Деловникот за работа на Собранието минимум 20 пратеници да бараат продолжување на 123 седница а Претседателот на Собранието согласно член 24 став 2 од Законот за Собрание да постапи и свика ad hoc кординација на која би се договорил датумот на продолжување на 123 седница на Собранието, кога ќе треба да се гласаат уставните измени

Доколку Претседателот на Собранието на Република Македонија и покрај барањето на минимум 20 пратеници не закаже продолжение на седницата ја презема на себе целата одговорност, прави лоша практика. се става над сите пратеници и конечно го изместува целосно политичкиот систем на институционалната поставеност на уставното уредување на Република Македонија“, се додава во соопштението на поранешниот претседател на Собранието.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK