Познато е дека родителите се постојано до своите првачиња кога тие ќе почнат на училиште, но често се наметнува и прашањето кога е вистинското време да го пуштите детето само да стигне до училиштето?
Најрелавантно би било да се каже дека за ова прашање не постои конкретен и универзален одговор, бидејќи тоа зависи од многу фактори како што се далечината на училиштето, големината на градот или населбата во која што живеете, превозот кој би требало да се користи, личниот развој и однесување на детето како и вашиот инстинкт за проценување.
За да бидете сигурни дека вашето дете може само, но и безбедно да стигне до училиште треба да поработите на неговата подготовка. За почеток доволно е да го испратите само до продавница или да му дозволите да оди кај некое другарче во најблиската околина и да му објасните дека треба да ви се јави кога ќе стигне, но и кога ќе тргне накај дома, а исто така да испочитува и договорено време за враќање.
Треба постепено да му давате слобода за движење и самостојно снаоѓање, да го научите како да комунира и што да направи доколку му се обраќа некој што претходно не го виделе или не го познаваат, да видите дали детето би се збунило и како би реагирало доколку го погреши патот, да биде запознаено со правилата во сообраќајот и како само на пешачки премин следејќи ја светлосната сигнализација на семафорот треба да ја помине улицата.
Врз основа на впечатокот кој ќе го добиете низ низата на реални ситуации, најдобро ќе можете да процените дали вашето дете е спремно и треба да го пуштите да оди само до училиште или сепак ќе треба да почекате додека да стекне знаења и подготвеност за тоа.
М.Кизова
(фото:pixabay)