Принцот Хари во документарниот филм The Me You Can’t See („Јас кој не го гледате“) признава дека се борел со темни мисли во животот како член на британското кралско семејство.
Дома никогаш не бил охрабрен да зборува за своите проблеми. Неговите напади на паника на крајот ќе доведат до експерименти со алкохол и лекарства. На крајот, Меган Маркл била таа која го посоветувала да побара стручна помош.
Документарецот на тема ментално здравје, е прв во кој војводата Хари дебитира како холивудски продуцент, а го изработи заедно со водителката Опра Винфри.
Во филмот, кој премиерно беше прикажан во мај 2021 година, Хари зборува на повеќе теми поврзани со неговото минато, за погребот на неговата мајка принцезата Дијана, за сопругата Меган, и психотерапијата која му помага.
Интересно е што некои медиуми сега, две години подоцна, се навраќаат на неговата исповед.
Принцот посетува терапевт веќе неколку години, а се соочува со анксиозноста од својата 12 годишна возраст кога почина принцезата Дијана.
„Во раните дваесетти години си реков дека не го сакам ова, не ја сакав круната, не ја сакав оваа работа затоа што видов што ѝ направија на мајка ми,“ вели тој.
Хари ги обвинува членовите на своето семејство за потиснување на емоциите кога имал потреба од разговор, а истото се случило и кога Меган минувала низ тежок период.
Сите од кралското семејство одбивале да помогнат и, инсистирале тоа да се чува во тајност. Хари открива дека нивната незаинтересираност за неговата ментална состојба како и таа на Меган, е една од главните причини за заминување на двојката во САД.
The Me You Can’t See е составен од пет дела, а покрај Хари се појавуваат и Глен Клоуз и Лејди Гага, како и 14 експерти за ментално здравје.