Владејачката партија реагира на вчерашниот настан во Тетово, каде знаме на „Голема Албанија“ се вееше додека градоначалникот, Билал Касами, пред него даваше изјави за медиумите.
„Јавноста сведочи дека коалицискиот партнер на Мицкоски и ДПМНЕ, Билал Касами продолжува со организација на настани со провокации и иконографија за поттикнување поделби меѓу граѓаните“, пишуваат од СДСМ.
СДСМ ги осудува овие смислени провокации кои се одлика на политичари од минатото.
„Само Мицкоски молчи за провокациите на неговиот коалициски партнер, во ДПМНЕ владее целосна штама. Факт е дека додека БЕСА и Касами беа во коалиција со СДСМ немаше вакви работи, напротив. Ова се случува само сега, кога се во коалиција со ДПМНЕ. Граѓаните гледаат иста излитена приказна, 30 години само национализам, како димна завеса за нечесни намери, популизам и криминал“, велат од владејачката партија.
„Мицкоски и Касами треба да знаат дека времето на национализам, на тензии е одамна завршено, граѓаните нема да дозволат нови поделби какви што ДПМНЕ со години ги правеше и ги злоупотребуваше“, заклучува партијата.
„Макфакс“ вчера побара одговори од Касами зошто дозволил да се вее етничкиот симбол, каде што дел од териториите на Македонија, Црна Гора, Србија и Грција се преставени како дел од т.н. голема Албанија. Тој не одговори на порака и по повеќе од една недела. Молк и на прашањата дали ќе им се извини на Македонците и другите народи за овој чин, но и дали ќе бара санкционирање на лицата што го вееле.
Полицијата, пак, работи на расчистување на претходниот случај кога за време на собирот со косовскиот премиер Албин Курти се вееше ова знаме. Објавена е фотографија од вејачот, но идентитетот не е познат.
Заедничко за двата настана е што како организатор се јавува Општина Тетово, односно Касами. Градоначалникот треба да се појави и на суд бидејќи пречекот на Курти помина без интонирање на македонската химна и без поставување на македонското знаме.