Последното зголемување на цените на млечните производи е поради неетичко и нефер однесување на некои големи трговски ланци, уверува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој вели дека во моментов се прават анализи за поскапувањето на млечните производи кои им се неопходни за да преземат мерки.
„Се прават последни анализи. Тоа што го знаеме е дека млечните производи не се зголемени од производителите , туку тоа го прави притисокот од трговците на крај. Штом ги дознаеме сите факти ќе преземеме мерки. Дали ќе биде замрзнување на цени дали ќе одиме со други мерки ќе утврдиме. Добрите практики во трговијата не се практикуваат во нашата земја и вие и инспекторите со неколку прашања може да видите какво неетично и нефер однесување имаат одредени трговски ланци. Штом ги добиеме резултатите од анализите ќе бидат кажани таквите ланци. Јас не можам да останам нем на нефер практики во трговија, на штета на граѓаните и на мене“, рече вицепремиерот Битиќи и нагласи дека Владата нема да толерира одлуки на штета на граѓаните.
Иако тој тврди дека нема параметри за оправдано поскапување на основните прехранбени продукти оти цените на суровините не се зголемени туку напротив се бележи нивен пад, млечните производи, речиси во сите маркети, од овој месец се со поголеми цени.