Власта на СДС и ДУИ почнува кампања дека тие биле Европа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во Европа не избираат јавен обвинител од семејниот фотоалбум на партијата на власт.
Во Европа синот на претседателот на Собранието не дипломира на академијата за обвинители на која се запишал без да ги почитува правилата и прописите.
Во Европа не се делат милиони за скапи реклами на блиски фирми до власта во време кога народот гладува.
Во Европа нема рекордна инфлација, а во исто време платите на функционерите да се покачат за 78%. Во Европа не може во три трагедии да настрадаат 70-тина луѓе и за тоа никој да не одговара.
Во Европа нема недостаток на основни лекови.
Во Европа сопругата на премиерот не добива државно земјиште за 1 евро квадрат, а братот на вице премиерот не добива луксузен деловен простор за багателна цена“, реагираат од опозициската партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека во Европа не може внукот на владеачка партија да стане сопственик на Трговски центар без да вложи цент.
„Во Европа нема избор на компанија за шиење на гаќи да врши надзор над капитални инфраструктурни проекти.
Во Европа нема директори на Фондови кои ставаат снопчиња пари во торба и исчезнуваат неказнето од земјата.
Во Европа нема ни ден да остане некој министер ако задоцни со набавка на терапија за хронично болни или ако не испечати учебници за децата.
Во Европа не одвојуваат на слепо стотици милиони евра помош за фирма која нема ни камен темелник ставено.
Во Европа не се градат 4 години два километри автопат за баснословни суми. Во Европа не може сопрузи, синови и браќа во влада да креираат стратегија за енергетика, а нивните најблиски да формираат преку ноќ фирми за производство и трговија со струја.
Во Европа нема никаде ваква криминална багра на власт, како тука во Македонија“, велат од партијата на Мицкоски.
Оценуваат дека слоганот на СДС е навреда за Европа, бидејќи таква корупција како што има во Македонија не само што нема во Европа, туку нема и во афричките и јужноамериканските земји.
„Ако мислат дека со скапо платена, а апсурдна кампања ќе постигнат нешто, тогаш се лажат.
Ниту граѓаните ќе им поверуваат, ниту ВМРО-ДПМНЕ ќе го убедат да гласа уставни измени под диктат.
Готови се. И Европа да го стават како средно име во нивните документи, овие мафијаши од власта ќе останат обични измамници и криминалци кои ќе изгубат на избори“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.