Една држава која има стратешко партнерство со САД, која е земја членка на НАТО, пласирање на тези дека постои светска завера во ниту еден случај не им оди во прилог ниту на граѓаните, ниту на државата освен во политичка кариера на тој што го кажува. Тоа што го слушам од сегашниот претседател на ВМРО – ДПМНЕ многу ме потсетува на 11 години на претходниот претседател, се подгреваа чувствата на граѓаните на таков начин и после се покажам дека не е така, рече во одговор на новинарско прашање претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски.
„Тоа што го слушам од сегашниот претседател на ВМРО – ДПМНЕ многу ме потсетува на 11 години на претходниот претседател, а тоа е дека постои некоја светска завера против нас, тоа што го слушнав беше дека светот и Европа се здружиле против Македонија. Такво нешто слушавме и во минатото, се подгреваа чувствата на граѓаните на таков начин, цело време беа плашени граѓаните дека постои некаков супер непријател кон нас Македонците. После тоа се уверивме дека не е така. Северна Македонија стана членка на НАТО, сите гледаме колку е значајно што сме земја членка на НАТО во време кога се води воен конфликт во Европа. Покрај сите хистерии и лажни обвинувања дека ќе настанела бугаризација, асимилација, губење на јазик, идентитет итн, ние ги отпочнавме преговорите со ЕУ со заштитен македонски јазик, со заштитен македонски идентитет, со признаен јазик и идентитет преку резолуции на Германскиот бундестаг, она што следува во американскиот конгрес, преку изјави на сите највисоки раководители од Европа, тука во нашиот парламент за значењето на македонската култура, историја, идентитет итн.
Затоа сметам дека една држава која има стратешко партнерство со САД, која е земја членка на НАТО, пласирање на тези дека постои светска завера во ниту еден случај не им оди во прилог ни на граѓаните, ни на државата освен во политичка кариера на тој што го кажува. Бидејќи историјата потврдила дека неносењето на одлуки единствено може да ве остави во чекална. Тие самите кажуваа дека ќе чекаат. 11 години видовме што донесе чекањето. 2008 година ние имавме решение со Грција кое тогашната влада не го прифати, после 11 години добивме решение кое беше полошо од тоа во 2008 година.
Сега имаме чиста преговарачка рамка, се преговара на македонски јазик, се преведува законодавството на ЕУ на македонски јазик и сега е моментот кога постои заеднички интерес и од страна на САД и ЕУ за продолжување на европската интеграција и до 2030 година Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Што е алтернативата? Не постои. Немате алтернатива или опција што би се правело.
Ние заедно со Хрватска започнавме, нашето интегрирање во ЕУ и заради неносење на одлуки Хрватска стана членка на ЕУ, има Шенген, воведе евро а ние се уште зборуваме за отворање на поглавја и кластери. Ние не смееме да дозволиме Албанија, Србија и Црна Гора да отидат пред нас, бидејќи во тој случај остануваме со БиХ и со Косово. Не сакаме да бидеме во тоа друштво, тоа се две држави кои се уште не ги решиле своите основни прашања на уредување на државите. Јас не сакам нашите деца, државата на нашите деца да се најде во такво друштво во поглед на регионалните и европските интеграции. Сега е време да се донесат одлуките, имаме поддршка и од страна на ЕУ и особено на САД. И во таа насока е и посетата на Габриел Ескобар, на регионот, на Северна Македонија. Јас ќе имам разговор со него, тој е исклучително информиран човек и ќе разговараме токму за национални, билатерални и регионални прашања од интерес на Северна Македонија“, рече претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски.