Вработен во обезбедувањето на концертот на Тејлор Свифт во Минаполис тврди дека добил отказ откако ги замолил фановите да го фотографираат пред бината.
Келвин Денкер стана вирален кога некој од публиката го снимил како ужива додека работи на настапот на Тејлор претходно оваа година.
Денкер, кој работел за безбедносната фирма Best Crowd Management, бил фотографиран како пее заедно со ѕвездата на хитот Cruel Summer. Но, откако стана популарен на интернет, добил отказ – не затоа што пеел за време на концертот, туку затоа што ја замолил публиката да го фотографира.
Тој ова го објасни во своето видео на „Тик-ток“.
„По првата вечер сфатив колку ми е блиску Тејлор Свифт. На лист хартија напишав: не смеам да носам телефон, но ако Тејлор Свифт е веднаш зад мене – ве молам фотографирајте ме и испратете ми порака на мојот број,“ вели тој во видеото.
„Ги поделив парчињата хартија на неколку луѓе во првиот ред и тие беа многу љубезни и многу фини. Но, добив отказ поради тоа“, додава тој.
Интересно е што жената што го објавила виралното видео не била меѓу оние на кои Декер им ја дал пораката.
Декер бил отпуштен од „Бест крауд менаџмент“ поради нивната политика што забранува персоналот да се фотографира со изведувачи. На компанијата, наводно, не ѝ се допаднало тој да дели листови хартија на публиката.
„Ми се јавија од одделот за човечки ресурси, не можеа јасно да дефинираат што згрешив, бидејќи не направив ништо освен да побарам фотографии, што се случува на секој друг концерт, со единствен исклучок што се погрижив да ги добијам на мојот мобилен телефон.“
„Сите мои фотографии од таа вечер беа зад барикадата како и секоја друга фотографија од публиката. Не го извадив телефонот. И покрај сè, се погрижив Тејлор Свифт да биде безбедна и сите фанови да се забавуваат. Додека бев на тој концерт си ја вршев својата работа“.