Киднаперот Јан-Ерик Олсон вооружен со автоматска пушка и под дејство на наркотици влегол во банка во центарот на Стокхолм во 1973 година на денешен ден, 23 август, со зборовите на англиски јазик „Сите долу, нека започне забавата“.
Тогаш почнува заложничката криза која ќе трае шест дена. Така се роди концептот познат во светот „Стокхолмски синдром“, ситуација во која киднапираните луѓе развиваат одредена приврзаност кон нивниот киднапер.
Веста за грабежот брзо се шири. Олсон зеде како заложници четири лица вработени во банката, три жени и еден маж. На местото на настанот е испратена армија од полиција, а на нишан снајперисти го имале влезот на банката.
Киднаперот ги искористил двајцата заложници како жив штит и им се заканил дека ќе ги убие.
„Често размислував за апсурдната ситуација во која се најдовме“, се присетува тогаш 23-годишната Кристин Енмарк во нејзиниот роман „Станав Стокхолмски синдром“.
Според неа, киднапираните во банката биле преплашени бидејќи биле меѓу две смртни закани, од една страна од полицијата, а од друга од киднаперите.
Олсон имаше неколку барања – три милиони круни и ослободување на неговиот помошник Кларк Олофсон, еден од најопасните криминалци во земјата.
Во обид да ја смири ситуацијата, шведската Влада ги исполни неговите барања. Цела Шведска го следеше текот на тој несекојдневен настан во земјата во живо на телевизија.
„Кога пристигна Кларк Олофсон, тој ја презеде контролата и преговараше со полицијата“, изјави за АФП Бертил Ериксон (73), фотограф кој го следеше настанот.
Олсон веднаш се смири кога пристигна Олофсон, додека Кристин Енмарк рече дека го гледа како спасител.
„Ми вети дека ништо нема да ми се случи и решив да му поверувам“, рекла таа и додала дека тогаш имала 23 години и била преплашена.
Кристин Енмарк неколку пати јавно проговори и ги бранеше своите киднапери.
„Целосно им верував на Олсон и Олофсон. Воопшто не се плашев од нив, ништо не ми направија. Тие беа многу убави“, рече таа на вториот ден од затворот за време на телефонскиот разговор со премиерот Улоф Палме.
„Знаете што ме плаши? Полицијата упадна во банката“, додаде таа.
На крајот на шестиот ден, полицијата решила да преземе акција, го пробила покривот на банката и пуштила гас во просториите. Олсон се предал, а заложниците биле ослободени.
Во преговарачкиот тим бил и психијатарот Нилс Бежерот, кој го анализирал однесувањето на киднаперите и заложниците, а подоцна го измислил терминот „Стокхолмски синдром“.
Концептот сега е спор. „Тоа не е психијатриска дијагноза“, изјави за АФП Кристофер Рам, психијатар и истражувач во Институтот Каролинска и автор на текстот со наслов „Стокхолмски синдром: психијатриска дијагноза или урбан мит?“
Терминот опишува „одбранбен механизам кој и помага на жртвата“ да се помири со објективно трауматична ситуација, што пак го намалува доживеаниот стрес, рече Рам.
За Сесилија Асе, професорка по политички науки на Универзитетот во Стокхолм и специјалист за родови прашања, тој концепт крие и политичка димензија.
„Стокхолмскиот синдром е измислен концепт“ за да се скрие неуспехот на државата да ги заштити заложниците.
„Претставувавме вистинска закана за заложниците“, призна полицискиот инспектор Ерик Ронегард години подоцна во книгата што ги истражува полициските грешки за време на киднапирањето.
Според него, со толку многу полиција околу банката, постоел ризик и заложниците да бидат убиени.
Во знак на незадоволство кон властите, поранешните заложници избраа да молчат за време на судењето на киднаперот.
На психолошко ниво, Рам верува дека многумина можат да се идентификуваат со концептот на „Стокхолмски синдром“.
„Развивањето позитивна емоционална врска со некој што се заканува е реалност што постои во насилни околности. Со разбирање на психолошката реакција на жртвата, ја олеснуваме тежината на чувството на срам и вина на заложниците“, додаде Рам.