Иско Аларкон на крајот на јули потпиша едногодишен договор со Бетис. Договорот на шпанскиот играч за врска со Реал Мадрид истече минатото лето и тој замина во Севилја како слободен играч. Сепак, таму остана само четири месеци. Официјалното објаснување беше дека не ги оправда очекувањата, но Иско тврдеше дека тогашниот спортски директор на Севилја, Мончи, го фатил за врат, по што играчот си заминал.
Во новото интервју за „Марка“, тој зборуваше за неговото враќање во фудбалот по седум месеци без клуб, а неговиот трансфер во Унион Берлин пропадна во јануари. Во двата натпревари од шпанското првенство, против Вилјареал (2:1) и Атлетико Мадрид (0:0) беше во првиот тим на тренерот Мануел Пелегрини.
„Се чувствувам добро, среќен сум што дојдов во Бетис. Навивачите добро ме примија. Соиграчите и тренерот се многу добри, сакам да му помогнам на тимот. Се надевам дека сѐ ќе биде в ред”, изјави Иско.
„Се чувствувам подобро отколку што очекував. Не сум се натпреварувал долго време, но добро сум. Имам повеќе сила, но тренерот се грижи за мене. Мора да продолжиме вака, се надевам дека ќе имаме добра сезона“, додаде Иско.
Тој призна и дека побарал психолошка помош.
„Доживеав тешки настани кои ме натераа да одлучам да паузирам. Морав психички да се опоравам. Семејството ми помогна, побарав психолошка помош. Менталното здравје е многу важно, мора да посветиме повеќе време на тоа. Сега сум среќен, фудбалот е мојата страст, среќен сум што можам да играм“, истакна Иско, кој има 353 настапи, 53 гола и 57 асистенции за Реал Мадрид, со кој освои 19 трофеи.