Во шумските пожари во регионот на Беотија во централна Грција, еден човек загина, а осум лица се повредени, соопшти грчката служба за итни случаи.
Голем шумски пожар избувна денеска северно од Атика, на 100 километри северно од Атина, а стар овчар починал како последица на вдишување чад кога дотрчал за да ги спаси своите животни, изјави портпаролот на противпожарната служба.
Пожар избувна и на островот Евија, каде со пламените јазици се борат 42 пожарникари и четири авиони, а пожарите се уште беснеат во североисточна Грција во близина на пристанишниот град Александрополис.
Седум пожарникари и еден волонтер беа хоспитализирани со повреди, десетина населби беа евакуирани во текот на викендот, а властите за цивилна заштита ги повикаа жителите да останат во затворени простории поради чад.
На лице место интервенирале 56 пожарникари со помош на четири авиони, пренесува Фигаро и додава дека е издадено известување за евакуација за туристите кои биле на блиската плажа.
Во Александрополис веќе трет ден беснеат шумски пожари и покрај напорите на грчките противпожарни служби, војската и доброволците кои продолжија со гаснењето на пожарот во текот на ноќта.
Како што јави ЕРТ, седуммина пожарникари се повредени и сега се во добра состојба по укажаната прва помош.
По зори, во гаснењето на пожарот се вклучија и четири авиони и четири хеликоптери, кои гасат активни пожари од воздух, пренесува Прототема.
На терен се 198 пожарникари во 26 екипи и 59 возила, соопшти Противпожарната служба.