Директорот на Агенцијата за млади и спорт кој ја тужи Антикорупциска, очекува институцијата да одговара за клевета. Според него, тој не му штети на спортот и не злоупотребува пари, туку му помага. Според него, антикорупционерите се тенденциозни.
„Постапката како што споменавте дојде до контра тужба од моја страна. Владата се произнесе негативно. Обвинителство се произнесе негативно. Се гледаат тука тенденциозни работи кои дефинитивно се ставени од други вработени кои беа претходно во Агенцијата за млади и спорт. Ова што ние сакаме да го направиме со спортот е знак дека не сакаме да злоупотребиме државни пари, туку е помагање на спортот“, кажа Мојсоски.
Негово разрешување нема да има, а очекува со изјаснување на сите страни, со што оваа тема ќе биде затворена.
„Се надевам дека во брзо време ќе се изјаснат и другите чинители на ова и ќе покажеме дека сме во функцијата на граѓаните, а не како што спомена ДКСК“, додаде Мојсоски.
Претходно, ДКСК побара одговорност од Мојсоски и членовите на централната комисија поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер-системот на финансирање фондации и спортски клубови во периодот од 2020, 2021 и 2022 година. Предметот се работел две години. Потоа, Мојсоски поднесе тужба против нив.