Илјадници луѓе кои живеат на север на Канада се собираат на аеродромот Јелоунајф, формирајќи линии од автомобили на единствениот автопат кој води јужно од огромната територија загрозена од бројни шумски пожари.
Повеќе од 20.000 луѓе треба да бидат евакуирани од Јелоунајф, до петок напладне, на кој му се заканува огромен шумски пожар на само петнаесет километри од градот.
Во четвртокот со авион беа евакуирани околу 1.500 жители, а за денес се закажани најмалку 22 лета од Јелоунајф. Властите на територијата проценуваат дека ќе можат да евакуираат околу четвртина од населението по воздушен пат и не ја исклучуваат можноста акцијата да продолжи и во сабота.
„Ќе продолжиме додека не ги извлечеме сите жители на Јелоунајф“, рече Џенифер Јанг од службите за итни случаи на NWT на прес-конференција вчера вечерта.